Македонија

Деца се газат, нема јунак што ќе го вклучи семафорот на „Борис Сарафов“ во Ѓорче

Деца се газат, нема јунак што ќе го вклучи семафорот на „Борис Сарафов“ во Ѓорче

Пред повеќе од еден месец беше поставен семафор на пешачкиот премин кај основното училиште „Мирче Ацев“ на улицата „Борис Сарафов“ во скопската општина Ѓорче Петров, но семафорот никако да проработи се жалат граѓаните и родителите. Власта ја префрла надлежноста од институција до институција, а улицата и понатаму останува небезбедна пред се’ за децата па и за возрасните.

Пред десетина дена, на прашањата зошто семафорот по толку време се’ уште не работи, испратени од редакцијата на „Нетпрес“ кратко ни одговорија дека треба да се обратиме до Град Скопје бидејќи тие биле надлежни, а не општината Ѓорче Петров.

Од Град Скопје, пак, веќе 10 дена од  објавата на веста на истото прашање не испратија информација зошто семафорот на оваа критична точка не е ставен во функција.

Одговор добивме од МВР, без конкретна ин формација во што е проблемот и ви го пренесуваме во целост:

Согласно член 351 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, местата за поставување на безбедносна ограда за заштита на пешаците, заштитни столбчиња, посебните технички и други мерки за забавување на сообраќајот и безбедност на децата на приодите кон училиштата, мерките за безбедност при изведување работи на пат и лоцирање на објекти во зоната на крстосници, како и поставувањето, отстранувањето и заменувањето на сообраќајните знаци ако тоа го бараат сообраќајните и безбедносните причини во населените места, врз основа на сообраќаен проект, со решение ги определува Министерството за транспорт и врски, по претходна согласност од Министерството за внатрешни работи.
За локалните патишта и улици со решение ги определува општината, односно градот Скопје во согласност со Министерството за внатрешни работи. Надлежен орган за поставување, отстранување и заменување на сообраќајната сигнализација на локалните патишта и улици е градот Скопје“.

Жителите на населбата минатиот месец ја блокираа улицата и протестираа откако беше прегазено дете кое преминувало на пешачкиот премин близу училиштето, барајќи надлежните да преземат итни мерки за зголемување на безбедноста на оваа локација оти како што велеа низ улицата се вози и со 140 километри на час.

Тие подолг период апелираа за поставување на светлосна сигнализација, бидејќи претходно беа полесно повредени уште неколку деца во сообраќајни несреќи на истата улица.

И претходно во октомври минатата година родителите излегоа на протест, со што им беше ветено и од страна на градоначалникот на општината, тогашен кандидат, Александар Наумоски дека ќе се заложи кај градските власти, (бидејќи улицата е под ингеренции на Град Скопје) за проблемот, а градоначалникот на Град Скопје официјално извести дека ќе се постави семафорот.