Децата ќе садат дрва за мир

Интернационалната програма „Учење за шумите“ (Learning about Forest) на Фондацијата за еколошка едукација (ФЕЕ) и програмата ЕНО (ENO), по десети пат ја спроведуваат акцијата на садење дрва за создавање на одржлива иднина.

Акцијата „Засади дрво за мир“ 2014 е во организација на Интернационалната програма „Учење за шумите“ (Learning about Forest) на Фондацијата за еколошка едукација (FЕЕ) и ЕНО програмата (ENO), додека во Република Македонија се спроведува преку Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“.

Интернационалната акцијата се спроведува по повод 21 септември – Светскиот ден на мирот на Обединетите Нации, додека истата ќе се случи, како што е предложено во кампањата, на 22 септември.  Во неа ќе се вклучат повеќе од 5000 училишта од 120 земји од целиот свет.

За таа цел, се поттикнуваат сите училишта и градинки кои ќе се вклучат, да организраат настан во нивната локална заедница, да одберат локација и на истата да засадат дрва со што ќе го одбележат Денот на мирот но и ќе придонесат кон заштита на животната средина.

Настанот ги поврзува децата од целиот свет, насочувајќи ги кон прашања од областа на животната средина. Што е уште поважно, настанот го промовира образованието за мир и ја зголемува свесноста на децата и учениците за важноста на дрвата и шумите во светски рамки. Садењето на дрва ја симболизира надежта и трајноста на животот.

Првите дрва ќе бидат засадени  напладне во Океанија. Следејќи го сонцето, следните дрва ќе бидат засадени во Азија, Европа и Африка. Конечно, овој синџир на дрва ќе стигне до Америка.

Кај нас, оваа акција, на 22 септември, ќе ја одбележат  50 училишта и градинки, со што голем број ученици и деца ќе поминат ден во природата каде ќе  научат многу од и за дрвјата.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.