Децата со аутизам во школото „Кирил Пејчиновиќ“ добија сензорна соба

Во општинското основно училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода пуштена е во употреба целосно опремена сензорна соба за дечињата со посебни образовни потреби.

Имено, Ротари клубот Скопје – Св. Кирил и Методиј во соработка со Ротари клуб Скопје- Вест и АРС Ламина целосно реновира просторија, опреми училница – сензорна соба наменета за децата со развојни нарушувања и аутизам вклучени во редовната настава во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“.

Во просторијата поставена е нова електрична инсталација,  поставени се лед светла кои позитивно ќе влијаат врз сетилата на децата со посебни потреби, а во делот околу осветлувањето поставен е и гипс картон. Оваа училница доби и нови прозорци на кои залепена е украсна фолија. Покрај ова, донирани се меки подлоги за под и лепенки кои ги красат ѕидовите со јунаците од популарните цртани филмови.

За потсетување, предходно училиштето од страна на претставници од Lions club international беше доставена донација од дидактички материјал, разни реквизити и играчки, кои ќе бидат од корист за учениците со пречки во развојот и аутизам.

На официјалното пуштање во употреба на сензорната соба присутни беа Горан Станковски, шеф на кабинет на градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски, претставници на Ротари клуб Св. Кирил и Методиј – Скопје, Ротари клуб Скопје – Вест, Сашо Јовановски, директор на училиштето и Велика Миленковска, дефектолог кој ќе работи со дечињата кои имаат пречки во развојот и аутизам.