Децата со оштетен вид добија дневен центар

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”, Горанчо Јакимов, и директорот на ЈУМЦСР, Биљана Јарчевска денеска го отворија  првиот дневен центар за деца со оштетен вид на предучилишна возраст.

„Дневниот центар ќе даде одлична поддршка и на децата до шест годишна возраст и на родителите на овие дечиња. Дневниот центар ќе работи во насока на рана интеграција, социјализација, предучилишно воспитување и едукација на децата со оштетен вид. Тие тука полесно и побрзо ќе можат да стекнат знаења и вештини за користење на опремата, исто така ќе можат да стекнат знаења и вештини за ориентација во просторот, ќе се работи на нивна рана социјализација на концептуален развој и препознавање на предмети, како и на развој на мотороните способности и на секојдневните вештини кај децата“, рече Спасов.

Центарот ќе биде поддршка и за семејствата на децата со оштетен вид со стекнување на дополнителни знаења и на родителите за подобар развој на нивните деца.

„Со отворањето на овој Дневен центар за деца со оштетен вид од предшколска возраст навистина се покажува и се докажува грижата којашто постојано ја води Владата преку ресорните министерства за оваа категорија на граѓани. Овој простор е уреден по принцип и стандардии коишто треба да ги задоволат потребите на овие дечиња и потребите на нивните родители“, истакна директорот Јакимов.

Ова е прв ваков проект, а како што нагласи министерот Спасов по минимум еден Центар за деца со оштетен вид ќе се отвора и секоја наредна година.  Дневниот центар за деца со оштетен вид е комплетна инвестиција на Министерството за труд и социјална политика и за него се издвоени 2.300.000 денари – наменети за реновирање и опремување на објектот, кој претходно беше руиниран.

Дневниот центар кој ќе работи секој ден од 8:30 до 16:30 часот, има капацитет за 15 дечиња и целосно ги задоволува потребите на оваа категорија на граѓани на територијата на градот Скопје. Министерството активно е насочено кон поголем борј на проекти со цел подобрување на животот на децата и лицата со оштетен вид и целосно слепити лица во  Република Македонија.

Потпишан е нов договор за снимање на дополнителни 100 аудио книги за слепите и лицата со оштетен вид, набавени се 900 тифлотехнички помагала за Националниот сојуз на слепи лица, како и опреми и помагала како гласовни мерачи за крвен притисок, гласовни мерачи за температура, електрични гласовни ваги, рачни часовници на брајово писмо.

Набрзо ќе стартува и проектот за изградба и поставување на првите тактилни патеки за слепи лица, од Даре Џамбаз до плоштадот Македонија и во Градскиот парк во Скопје.

centar