Децата со пречки во развојот од денес ќе добиваат за 25 отсто повисок додаток

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов оствари работна средба со претставници на Националниот сојуз на слепи лица, Националниот сојузот на лица со телесен инвалидитет и претставници на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица.

– Денес ќе оствариме средба со претседателите на Националните сојузи на лицата со инвалидност со цел да разговараме за неколку проекти кои што ни се во фаза на реализација со цел да обезбедиме подобра имплементација во наредниот временски период. Би сакал најпрво да изразам задоволство за фактот што денес се реализираше уште едно ветување на Владата на Република Македонија, се реализираше уште еден проект кој што е дел од програмата на Владата односно се зголеми посебниот додаток за децата со пречки во развојот од материјално необезбедените семејства за 25%. Денес околу 1.030 родители на своите сметки  добија зголемен посебен додаток за цели 25%”, истакна Спасов

Спасов во изјавата посочи дека како Влада овој проект е ветен и веќе се реализира.  Средствата кои што се обезбедени се во износ од осумнаесет и пол милиони денари за реализација на ова зголемување за период од 1 година и позитивно е да се истакне што континуирано сите родители на деца со пречки во развојот кои што се во потешка материјална состојба во наредниот период ќе добиваат зголемен паричен надоместок за цели 25%.

– Исто така на денешната средба ќе разговараме и за уште неколку проекти кои што треба да ги реализираме во наредниот временски период кои што и како предлози ги добивме од Националните сојузи на лицата со инвалидност еден од нив е грантот за самовработување за лицата со инвалидност кој што набрзо ќе почне реализацијата на овој проект и дополнително ќе ја информираме јавноста.  И понатаму како министерство за труд и социјална политика и како Влада на Република Македонија ќе продолжиме да даваме максимум во однос на подобрување на правата на лицата и на децата со пречки во развојот и на лицата со инвалидност бидејќи неопходно е сите заедно да дадеме многу повеќе да се подобрува состојбата во која што се наоѓаат и нивниот секојдневен живот, заврши Спасов.

Претседателите на Националните сојузи го поздравија ова зголемување и соработката со министерството за труд и социјална политика.