Македонија

Дечињата во градинките во Аеродром бесплатно ќе учат англиски

Дечињата во градинките во Аеродром бесплатно ќе учат англиски

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, денеска, во детската градинка „Срничка“ објект „Чекорче“ официјално го означи стартот на проектот за подобрување на воспитно-образовниот процес во Општина Аеродром и Градот Скопје преку воведување бесплатен англиски јазик и проширување на капацитетот на детските градинки. 

„Од 2014 година воведуваме бесплатно изучување на англискиот јазик во сите детски градинки во Општина Аеродром, што значи дека родителите веќе не мора да издвојуваат дополнителни средства од својот семеен буџет како досега“, изјави градоначалникот Коневски, додавајќи дека програмите по кои се работи, се професионално изработени и соодветни за детската возраст, односно методиките за работа се прилагодени за деца од предучилишна возраст.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски го поздрави овој проект и изјави дека на Координативното тело на Град Скопје ќе предложи сите скопски општини да воведат бесплатно изучување на англиски јазик.

Инаку, изучувањето на англискиот јазик ќе стане дел од редовните активности во градинките и децата ќе продолжат редовно да го изучуваат овој светски јазик, за разлика од досегашната практика преку организирање курсеви.

Овој проект се реализира во рамки на проектот за ран детски развој „Првите пет се најважни во свет“.

Исто така, во тек е изработка на проекти за проширување на капацитетите на детските градинки со доградба, така што ќе се отворат уште дополнителни 150 места за престој во градинка на дечиња од општината.