Дедо Љубе може да куртули само со „нужна одбрана“

Случајот со Дедо Љубе, во јавноста предизвика бурни реакции на емпатија и сочувство кон човекот кој бранејќи ја приватноста на својот дом, уби еден од разбојниците кои ѕверски ги измачувале него и неговата болна сопруга.

Иако, убиството е сторено во самоодбрана, против Љубомир Којков е подигнато обвинение за убиство во миг, убиство во обид и за недозволено поседување на оружје.

Според Кривичен законик, за кривично дело убиство во миг предвидена е казна е од една до пет години затвор, за убиство во обид од пет до 15 години и за недозволено поседување на оружје од три до 10 години.

Кривичниот законик со членот 9 предвидува можност обвинетиот да биде ослободен од кривично гонење доколку биде нападнат и тој член е насловен „нужна одбрана“. Но, во пракса, вакви ослободтелни пресуди во македонското судство се реткост. Дејствата на нужната одбрана по својата природа се исто така напад, но легитимен, заради одбивање напад врз жртва.

Адвокатот Антонио Апостолски објаснува дека не постои кривична одговорност за лице што делото го сторило во нужна одбрана што понатаму треба да се  докаже во судска постапка.

„Во текот на постапката треба да се изведат докази и од тие докази ако произлезе дека лицето убиството го сторило во нужна одбрана, тогаш ако е подигнато обвинение судот треба да донесе ослободителна пресуда. Кога е предметот во фаза на судење, преку сведоците или материјални докази ако се докаже дека делото е сторено преку нужна одбрана, тогаш лицето треба да се ослободи.  Но, постои и пречекорување на нужна одбрана и тоа е квалификаторен елемент со поблаго казнување. Тоа значи дека може да добие шест месеци, па и една година затвор. За убиство казната е од пет до 20 години затвор. За убиство во  миг, кога лицето е силно раздразнето, а тоа се докажува со вештачење, се предвидува казна до пет години затвор“, вели адвокат Апостолски.

Процесот на Дедо Љубе од фаза на судење, вчера се врати во истрага по барање на неговите адвокати. Основното јавно обвинителство ќе ја повтори истрагата за точно да утврди што се случило ноќтта на 27 февруари минатата година, кога Љубе го уби еден од разбониците во неговиот дом , а другиот го рани. 

Во случајов, законски е возможно 75-годишниот Којков од кратовското село Којково, да добие ослободителна пресуда доколку одбраната докаже дека не постои убиство на миг, туку нужна одбрана.

Заради комплексноста на ваквите случаи, голем број адвокати се согласни  дека се потребни мали корекции во однос на членот 9 од Кривичниот законк, со што би се прецизирало доколку, на пример, нападот е извршен во домот на нападнатиот, да нема казнено дело, како  во конкретниов случај.

Всушност ова постои во западната пракса, каде што се дозволува легална употреба на сила, но само доколку во домот на нападнатиот е употребена сила, тогаш ќе нема казнено дело.