Дехари бара донации, ама само за училиштата каде учат Албанци

Градоначалникот на Kичево, Фатмир Дехари, од албанската дијаспора од Швајцарија барал помош за да обезбеди огрев за училиштата каде што учат Албанци, но тоа не го побарал и за двете основни училишта каде што учат Македонци, „Kузман Јосифовски-Питу “и „Владимир Полежиноски“, пишува весникот „Дневник“.

Во Кичево 1.200 ученици веќе еден месец не одат на настава зашто нема нафта, а како што пишува весникот  оваа информација Дехари завчера лично на состанок им ја соопштил на советите на родителите на двете училишта.

Родителите обвинија дека Дехари врши етничка дискриминација на учениците-Македонци, бидејќи преку домашни и донатори од дијаспората се грижи само за учениците-Албанци.

– Дехари нема решение како да најде пари за огрев за двете училишта за нашите деца конечно да почнат да учат. Тој се пофали дека од Албанци од Швајцарија побарал пари за селските училишта да набават дрва, но кога го прашавме зошто не побарал донација и за двете македонски училишта, ни одговори дека не познава никој од македонската дијаспора. Згора на се, иако сите училишта поради долгови се со блокирани сметки и не можат да набават огрев, Дехари наоѓа донатори само за училиштата каде што учат Албанци, дури се шпекулира дека на бизнисмени им наложува за кое училиште да донираат пари за огрев , велат од советите на родителите.

Родителите на учениците се децидни дека децата нема да ги пуштат на настава се додека не се создадат услови за учење. Иако загрижени оти децата веќе еден месец седат дома, родителите велат дека нема да прифатат изгубените часови да се одработуваат во саботите.

Неодамна Дехари во изјави за медиумите коментира дека проблемот со греењето е и поради долгот што го наседила општината од претходната гарнитура. Но, од друга страна, Дехари не коментира дали дел од дотациите општината ги користи за исплата на плати на нововработени наставници и на помошен персонал.

Наставата во училиштата во општина Kичево се изведува на македонски, албански и на турски наставен јазик. Според некои анализи, на 1.956 основци што учат на македонски, вработени се 240 лица, а на 1.711 ученици што наставата ја следат на албански јазик вработени се дури 377 лица, или 137 лица.