Дејан Манасков заминува за Германија – ќе настапува за Вецлар

Ракометарите на Металург, кои изминатиов период ги раскинаа договорите со клубот полека почнуваат да пронаоѓаат ангажмани во странство.

По Филип Миркуловски, кој кариерата ќе ја продолжи во Хановер, и Дејан Манасков се сели во Бундес лигата, односно во тимот на Вецлар. Тој во тимот ќе им се придружи на поранешниот соиграч Владан Липовина и хрватската ракометна легенда Ивано Балиќ.

Задоволството од ангажманот на Манасков не го криеше ниту извршниот директор на Вецлар, Бјорн Зајп, кој нагласи дека добива млад, а сепак искусен ракометар.

“По повредата на вкрстените лигаменти на Максимилијан Холст, остана дупка на левата крилна позиција. Можноста да се засилиме со Манасков ни се виде одлична и затоа брзо реагиравме. Пресреќни сме што успеавме да го донесеме бидејќи се работи за искусен ракометар иако има само 22 години. Утре го очекуваме на медицински прегледи и потоа треба да се приклучи на тимот”, изјави Зајп.

Сепак останува отворено прашањето дали Манасков ќе остане во тимот и по завршувањето на сезоната или ова е само привремено решение и за нашиот ракометар и за тимот на Вецлар.