Дејвид Дејвис: Новите мигранти од земјите на ЕУ нема да можат да останат во Велика Британија

Британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис изјави денеска дека новите мигранти од земјите-членки на ЕУ нема да можат да останат во Велика Британија, пренесува МИА.

Во разговор за британската телевизија Скај Њуз, Дејвис рече дека правата на овие мигранти може да бидат одземени, доколку дојде до „наплив“ од новодојдени мигранти од ЕУ.

Министерот Дејвис смета дека не може одсега да се определи краен рок, а тоа кои се „нови“ а кои се „стари“ мигранти, затоа што според него, токму определувањето рок, би можело да предизвика наплив на мигранти, кои ќе настојуваат да го фатат „последниот воз“ пред Велика Британија да ја затвори вратата.

Дејвис, сепак, уверува дека „секој британски чекор во таа насока, ќе биде усогласен со законот на ЕУ“.

Изјавата на Дејвис доаѓа по засилениот притисок врз новата британска Влада, од која се бара да го „гарантира право“ за останување на државјаните на ЕУ во Велика Британија.

Минитерот за Брегзит смета дека „не би било мудро“ Велика Британија целосно да го гарантира правото на останување на сите ЕУ државјани, без притоа да не обезбеди реципроцитет и за Британците кои сега живеат иработат во разни земји-членки на Унијата.

Целата оваа работа мора да ја разрешиме заеднички (со Брисел), истакна Дејвис, додавајќи дека мигрантите и нивните права за престој мора да бидат во согласност со законот на ЕУ, затоа што во време на преговарањето, Велика Британија и натаму ќе биде членка на ЕУ.

Во друг разгвор за проконзервтивниот и евроскептичен „Меил оф Сандеј“ овој министер порача дека „новите мигранти“ ќе се враќаат назад од каде се дојдени, за да се спречи бранот мигранти од земјите на ЕУ.

„Наплив“ на мигранти од ЕУ има само од земјите во Унијата од источниот и југоисточниот дел од Европа, наведе Дејвис.

Новата британска премиерка Тереза Меј создаде ново Министерство за Брегзит, и го определи евроскептичниот конзервативен политичар, Дејвид Дејвис да раководи со Министерството и со разговорите за раздружување на Велика Британија и ЕУ.