Дејвид Камерон е осомничен дека кога бил студент земал дрога

Британскиот премиер Дејвид Камерон е осомничен дека како студент, на Универзитетот во Оксфорд, земал дрога, пишува „Дејли мејл“, повикувајќи се на книгата на лорд Ешкрофт, објави МИА.

Книгата чии делови од денеска објавува весникот, се уште не е авторизирана и во нејзиното создавање, покрај лордот Ешкрофт, учествувала и политичката новинарка Изабел Оукшот.

Книгата „Викај ме Дејв“ е направена од стотина интервјуа и разговори со пријатели и непријатели на актуелниот премиер и лидер на владејачката Конзервативна партија, како и од искази на „инсајдери“ во Даунинг стрит 10.

Се верува дека главната цел на авторот на книгата е да се открие дека младиот Камерон, кого најблиските и пријателите го викаат Дејв, се дрогирал.

Весникот „Дејли мејл“ кој е близок на британските конзервативци, пишува дека книгата „Викај ме Дејв“ е направена за одмазда и таа само потврдува дека авторот, лорд Ешкрофт и премиерот Камерон, се во „исклучително остра„ караница.

Авторот наоѓа простор да го пофали лидерот на ториевците и актуелен премиер за успехот на последните парламентарни избори, во мај оваа година и зголемувањето на бројот на пратениците во редовите на конзервативците, но и отворено отвара повод за расправа за тоа дека Камерон знаел за нелегалните даночни аранжмани на Ешкрофт, пред за тоа да се разбере во јавноста.

Кабинетот на премиерот во Даунинг стрит 10, одби денеска да го коментира појавувањето на деловите од книгата на гневниот лорд во лондонскиот весник и сознанијата изнесени во неа.

Лорд Ешкрофт е долгогодишен и угледен ториевец и функционер на Конзервативната партија, кој беше задолжен за обезбедување донации и прилози за партијата. Тој беше присилен да поднесе оставка на сите свои функции, откако беше осомничен за прикривање и неплаќање данок.

Козервативците (и Камерон) настојуваа да останат настрана од случајот со Ешкрофт, што тешко го погоди лордот кој и самиот беше донатор на партијата.

Опозициските лабуристи, во претходниот состав на Парламентот, бараа специјална истрага за однесувањето на лордот и тврдеа дека Камерон знаел и го прикривал незаконското однесување на Ешкрофт, но нивните барања не беа прифатени.

Јавноста уште од порано знаеше за „палавењето“ на Камерон, како млад и студент во Оксфорд. Посебно се пишуваше за неговото членство во една „елитистичка“ група студенти, сите од британското високо општество, кои приредувале „пијанки“ во некој локален паб, кршејќи се што ќе им се најде при рака, за да потоа, следниот ден уредно ја платат направената штета.

Ова е првпат некој да открие дека младиот Дејв (Камерон) во време на студиите користел и дрога.