Декани на УКИМ: Пленумот да учествува во работната група

На млади и интелигентни личности, членови на академската заедница, им доликува да бидат бунтовни и авангардни и разбирливи се начините на кои сакаат своите ставови да ги изразат во јавноста, но сметаме дека проблемот треба да се реши со нивно учество во работната група за подготовка на нов закон за високото образование.

Ова попладнево во изјава за медиумите го истакнаа декани на факултети на Скопскиот универзитет, кои сметаат дека само така може да се дојде до општоприфатливо решение за сите и ќе се придонесе за квалитет на високото образование.

– Имаме целосно разбирање за постапките на Студентскиот пленум и убедени сме во нивната искрена желба за подобрување на квалитетот во високото образование.  Но, сепак, сметаме дека проблемот може и мора да се реши преку нивно целосно и активно учество во работната група формирана за подготовка на нов закон за високото образование, рече Атанас Кочов, декан на Машинскиот факултет, во име на деканите од УКИМ.

Додаде дека е неопходно од понеделник конструктивно да се работи на нови квалитетни решенија во работната група составена од претставници на  УКИМ и МОН.

– Сите ние сме дел од Македонија и сите заеднички мораме да придонесеме за севкупен општествено-економски развој и просперитет на нашата татковина, наведоа деканите.