Дел од булеварот „Гологанов“ и за време на викендот ќе биде затворен за сообраќај

Поради изведување градежни активности денес и за време на престојниот викенд целосно ќе биде затворена делницата на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосницата со улицата „Московска“ до крстосницата со булеварот „8.Септември“.

Автобусите на јавниот градски превоз што ја опслужуваат линијата со број 4А, во правец од Центар кон Тафталиџе 2, ќе бидат пренасочени и ќе се движат по булеварот 8. Септември, булеварот Партизански одреди и по улицата Московска. Во насока од Тафталиџе 2 кон Центар, автобусите ќе се движат по истата траса, во обратна насока.

Автобусите од градските линии 5 и 5А, во насока од Центар кон Ѓорче Петров, ќе бидат пренасочени преку булеварот 8.Септември, булеварот Партизански одреди, улицата Московска и ќе продолжуваат по својата траса, по булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Во обратна насока автобусите ќе се движат по истата траса и ќе ги користат постојните автобуски стојалишта.

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено воведениот сообраќаен режим и да ја почитуваат поставената патна сигнализација.