Дел од булеварот Теодосиј Гологанов целосно затворен за сообраќај

Поради изведување градежни работи утре и задутре целосно ќе биде затворена за сообраќај делницата на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов од крстосницата со булеварот „8-ми Септември“ до крстосницата со улицата „Московска“, известуваат од град Скопје.

Автобусите на јавниот градски превоз на автобуската линија со број 4А, во правец од Центар кон Тафталиџе 2, ќе бидат пренасочени по улицата „Франклин Рузвелт“, булеварот „Партизански одреди“ и по улицата „Московска“. Во правец од Тафталиџе 2 кон Центар автобусите ќе се движат по истата траса, во обратна насока.

Автобусите на линиите 5 и 5А, во правец од Центар кон Ѓорче Петров ќе бидат пренасочени преку улицата „Франклин Рузвелт“ и булеварот „Партизански одреди“ и ќе продолжуваат по својата траса, а во обратна насока, од Ѓорче Петров кон Центар, ќе се движат  по булеварот „Партизански одреди“, улицата „Франклин Рузвелт“ и ќе продолжуваат по својата траса по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Притоа ќе се користат постоjните автобуски стојалишта.

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат кон привремено воведениот сообраќаен режим и да ја почитуваат поставената патна сигнализација.