Дел од германската SPD го критикува прогонот на руски дипломати

Одлуката на Берлин за протерување руски дипломати како израз на солидарност со Велика Британија поради наводното труење со нервен агенс на поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал, ги подели челниците на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), коалициски партнер на канцеларката Ангела Меркел, што е неповолно за нејзината влада којашто по тешки повеќемесечни преговори беше формирана пред две седмици.

Берлин се реши да протера четири руски дипломати придружувајќи им се на западните земји кои со таквиот потег искажуваат солидарност со Лондон откако британската влада соопшти дека за труењето на поранешниот шпион во јужна Англија „многу веројатно е одговорна“ Русија.

„Мораме да сториме сѐ што можеме за да спречиме нова Студена војна со Русија“, изјави социјалдемократот Гернот Ерлер, координатор за Русија во владата на Ангела Меркел. Германија зазема јасен и постојан став, „но ние сакма да го одржиме дијалогот со Москва“, додаде Ерлер.

Челниците на партиите во владејачката коалиција, конзервативците на Меркел и социјалдемократите се согласија за прогон на дипломати, но непријатноста расте и во врвот и меѓу членството на SPD, пишува Reuters.

Додава дека Русија ќе биде главната тема на дводневниот владин состанок на 10-ти и 11-ти април во дворец 65 километри од Берлин, а станува збор за седници коишто канцеларката Меркел редовно ги свикува за темелно, далеку од престолнината, да се разговара за низа важни прашања.

Евроскептичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), која е трета политичка сила во земјата, како и радикалната Левица (Linke), веќе ја критикуваа одлуката на Берлин, а многу претпазливи се и здруженијата на стопанствениците.

Меркел, како и британската премиерка Тереза Меј, тврди дека Русија „речиси сигурно“ стои зад нападот во англиски Солсбери, но додаде дека членовите на SPD поотворено од Ерлер го артикулирале критичкиот став.

Така, поранешниот комесар на Европската комисија, Гинтер Верхојген, смета дека санкциите треба да бидат носени врз основа на факти а не на сомневања, а поранешниот министер за надворешни работи Зигмар Габриел смета дека неговиот сопартиец со ваквата оцена покажал „храброст и трезвеност“.

Голема е загриженоста и меѓу германската деловна заедница. Продажбата во Русија минатата 2017 година првпат пораснала по санкциите коишто Европската унија ги воведе против Москва следејќи ги САД поради нејзиното наводно мешање во украинската криза, на што руската страна одговори со ембарго на увоз на одредени производи.

Русија ѝ е потребна на Германија и затоа што со своите испораки намирува најмалку третина од германските потреби од гас, а во вторникот Берлин го одобри градењето и на гасоводот Северен тек 2 со кој ќе се дуплира увозот на руски гас, а што е силно критикувано од некои земји членки на Европската унија.

Германската Комисија за источноевропски економски односи предупреди дека не чини да се носат „избрзани заклучоци“, бидејќи политичките одмазди би можеле да предизвикаат „спирала на ескалација“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.