Дел од мрежата на бомбашот од Манчестер веројатно сé уште е на слобода

Frances Perraudin for the Guardian

Дел од мрежата чиј припадник бил бомбашот самоубиец Салман Абеди веројатно сé уште е на слобода, изјави министерката за внатрешни работи на Велика Британија, Ембер Рад, во неделата по официјалното објавување на фотографиите на убиецот во јавноста и повикот да помош за да се расветли неговото движење во деновите пред нападот од 23 мај.

Полицијата привела најмалку девет лица, за коишто се верува дека е најголемиот дел од ќелијата којашто го организирала нападот изведен во понеделникот ноќта по завршувањето на концертот на американската поп пејачка Аријана Гранде во „Манчестер Арена“ кога беа убиени 22 лица, меѓу кои повеќето малолетници, а уште 64 се сериозно ранети, од кои дваесетина се во критична состојба.

„Потенцијално сé уште има лица од мрежата кои се на слобода“, одговори министерката Рад одговарајќи на новинарско прашање и додаде дека „Операцијата сé уште е во тек. Во притвор се единаесет лица, операцијата многу забрзано се спроведува“.

Британската премиерка Тереза Меј појасни дека нивото на закана од терористички напад во саботата е симнато „критично“ на „сериозно“ по серијата полициски истрага за самоубиствениот напад. Поради тоа, од улиците на британските градови од понеделник на полноќ ќе бидат повлечени војниците кои досега ѝ помагаа на полицијата во патролирањето и обезбедувањето на стратешки важните точки.

Полицијата ги објави снимките од безбедносните камери на бомбашот самоубиец снимени пред да ја активира бомбата кога илјадниците посетители на концертот се упатиле кон излезот од арената. На тие снимки 22-годишниот Салман Абеди, британски државјанин роден во Британија со либиско потекло, носел црна каша, црн елек и темни очила.

Британските функционери потврдија дека тој се вратил од Либија пред нападот, и истрагата се насочи кон собирање информации за неговото движење од 18 мај кога се вратил во Велика Британија. Иследниците објавија и поединости за последните часови од движењето на Абеди и ги замолија граѓаните за помош во откривањето на неговото движење во деновите пред нападот.

„Знаеме дека едно од последните места на кои престојувал е стан во центар на градот од кој се упатил кон ‘Манчестер Арена’. Веруваме, исто така, дека во тој стан е составена експлозивната напава“ којашто претходно американското разузнавање ја опиша како многу моќна и сложена, направена од материјали кои се тешко достапни во Британија, се наведува во полициското соопштение.

Абеди на британските безбедносни служби им бил познат и пред нападот, потврди владата во Лондон, но Рад одби да коментира што точно им било познато за него. Весникот Times веднаш по нападот во вторникот, повикувајќи се на познати на осомничениот, пишуваше дека негови пријатели и блиски роднини ги предупредиле безбедносните служби за опасноста којашто ја претставува и за неговите ставови, дури пет години пред да го изведе смртоносниот напад.

На прашањето колку потенцијални милитанти истражува британската влада, министерката Рад одговори дека безбедносните служби водат истраги за 500 потенцијални различни заговори, вклучително и за 3.000 лица на „топ листата“, како и уште 20.000 луѓе на „помалку важната листа“.

Британската влада претходно се жалеше на интернет операторите, сметајќи ги за недоволно кооперативни, бидејќи овозможуваат и дозволуваат ширење на екстремистичките идеологии преку мрежите и апликациите за размена на кодирани пораки.

Технолошките компании, како што е на пример WhatsApp, тврдат дека не можат да ја прибијат таканаречената „end-to-end“ шифра, односно комуникацијата од еден до друг корисник.

„Верувам дека тие може да направат подобро да соработуваат со нас за да пронајдеме начин да добиеме такви информации. Областа којашто најмногу ме згрижува се интернет компаниите кои продолжуваат да објавуваат говор на омраза, содржини со омраза кои придонесуваат за радикализирање на луѓето во оваа земја“, изјави Рад.

И челниците на седумте индустриски најразвиени земји во светот, или познати како групата Г7, во петокот во Таормина на Сицилија го усвоија договорот за борба против тероризмот и екстремизмот, повикувајќи ги компаниите кои даваат интернет услуги и социјалните мрежи да ги засилат напорите за да бидат отстранети екстремистичките содржини.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.