Дел од таванот на Хемиско се урнал врз ученик

Додека седел на час, дел од плафонот се одронил врз главата на младиот Мартин, ученик во четврта година во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“, пишува „Плусинфо“.

Настанот се случил во петокот, на третиот час, кога одненадеж дел од таванот во училницата попуштил и едно парче завршило врз главата на ученикот. Момчето не било пренесено во болница, а наставниците го пуштиле да си оди дома. Во знак на револт, денеска учениците најавија протест пред училишната зграда во 13.15 часот.

Директорот на училиштето, Павле Павлов, го потврдил случајот. Порталот „Плусинфо“ пишува и за друг  издвоен настан во училиште,  во кој ученичка му се пожалила на директорот дека наставник ја удрил по носот.

Како што вели директорот на училиштето, Павле Павлов, наставникот е пратен кај педагошката служба и ќе се реагира по службена должност.