Дел од терористите потврдиле вмешаност во нападот на Гошинце

При распитот од страна на полицијата дел од терористите ја потврдиле вмешаноста и во нападот на караулата Гошинце, посочувајќи го местото на кое го сокриле и складирале оружјето.

-Имено, врз основа на добиено оперативно сознание на 10.05.2015 година, беа извршени претреси на две локации во Малино Маало, с.Брест, на отворен простор во импровизирани бункери. При претресите пронајдена е поголема количина оружје и муниција и тоа: вкупно 61 парче автоматско оружје од кои кои 21 автоматска пушка од украинско потекло, 35 автоматски пушки од југословенско потекло и 1 автоматска пушка од кинеско потекло, 1 полуавтоматска  пушка и 3 пушко митралези, вкупно 8 сандаци со муниција калибар 7,62  од кои 7 се  пломбирани сандаци со муниција и 1 еден е отворен. Од првично направените проверки утврдено е дека од вкупно 59 парчиња автоматско оружје, кои имале јасни и видливи сериски броеви, 54 пушки со сериски број се сопственост на МВР на РМ, односно оружјето кое било одземено од страна на криминално-терористичката група од ПС за ГН Гошинце на 21.04.2015 година, соопштуваат од МВР.

Пронајдената муниција ќе биде предмет на дополнително вештачење, односно потврдување на сомненијата дека станува збор за истата која била одземена од Полициската станица Гошинце.