Делегации оддаваат почит пред спомениците на Илинденци

По повод 112-годишнината од Илинденското востание и 110-годишнината од загинувањето на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев утринава делегации положија свежо цвеќе на спомениците на Илинденци.

Свежо цвеќе е положено на гробот на Карев, споменикот Илинден на Гумење и пред споменикот на месноста Слива каде во битка на 12 август 1903 загинаа четириесет востаници Илинденци.

Цвеќиња положија делегација предводена од претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, на Собранието предводена од пратеникот Крсто Муковски, од АРМ и Генералштабот, предводена од началникот на ГШ Горанчо Котески, од Владата, предводена од министерот за одбрана Зоран Јолевски, делегација на Општина Крушево, градоначалникот Ѓорѓи Дамчевски, на манифестацијата „Десет дена Крушевска република“ предводена од потпретседателот Манојил Јаковлевски, на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Миле Јанакиески, на СДСМ предводена од Радмила Шеќеринска и повеќе делегации.

Во црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево се одржа панихида во спомен на загинатите Илинденци.

На централното чествување ќе се обрати претседателот Иванов, пренесува МИА.

Илинден – меѓник меѓу минатото и иднината

Според Вељаноски Илинден е меѓник во кој се вкрстуваат минатото и иднината на Македонија, точка од која најреално можеме да ја оцениме сегашноста низ призма на жртвите и влогот на генерациите пред нас, народна меморија која на најдобар начин нé опоменува дека Македонија е нашата најголема и најзначајна партија, нација и вера.

Во зборот Илинден се собрани сите македонски интереси, идеи, идеологии, доктрини и национални програми. Во зборот Илинден подеднакво е олицетворена жртвата на комитите, како и успесите на партизаните. Илинден е олицетворение и на стремежите на македонскиот народ за сопствена држава, како што е олицетворение на желбите на нашите сограѓани од другите помалубројни нации и вери за соживот, за права и за слободи. Илинден подеднакво силно се однесува како на македонската левица, така и на македонската десница, како на политичкиот центар, така и на оние кои немаат идеолошка одредница.

Жртвата на Илинденците, нагласи, е жртва за заедничка, просперитетна, напредна, демократска и развиена татковина, Македонија! – Сите македонски историски страници, целата македонска историја се оценува и се слави согласно овие одредници. Тие се оние кои го даваат најточниот суд за тоа дали тоа што го правиме е во согласност со славните идали на македонските комити и партизани, истакна Вељаноски.

 

 

Граѓаните на Македонија денеска ги одбележуваат двата Илиндена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.