Македонија

Делегации положија цвеќе на гробот на Карев

Делегации положија цвеќе на гробот на Карев

По повод 111 годишнината од Илинденското востание бројни делегации го посетија споменикот Илинден на Гумење каде положија цвеќиња пред гробот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев.

Пред гробот на Карев се поклони делегација на Собранието на Република Македонија предводена од претседателот Трајко Вељаноски, делегација на Генералштабот на АРМ предводена од генерал мајор Методија Величковски, делегација на Владата предводена од министерот Зоран Јолевски, делегација на градот Крушево предводена од градоначалникот Ѓорѓи Дамчески и делегација на научно културните средби „Десет дена Крушевска Република“ предводена од потпретседателот Маноил Јаковлевски.

Цвеќе положија и делегации на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Миле Јанакиески и на СДСМ предводена од претседателот на партијата Зоран Заев.

Делегациите оддадоа почит и на загинатите илинденци пред споменикот на месноста Слива.

Во тек е панихида во црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево за покој на душите на загинатите илинденци и крушевчани кои загинаа во илинденската епопеја пред 111 години.

Централната свеченост и одбележувањето на 111 годишнината од Илинденското востание е на Мечкин Камен каде се очекува напладне да говори претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски.

МИА