Делегација на АРМ на Самит на оклопни возила во Лондон

делегација

Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски во своето обарќањ на панел-дискусијата на тема „Предизвици со кои се соочуваат командантите на копнените сили, денес и утре, во целиот спектар на окружување“, се осврна на согледувањата од неопходноста на прилагодување на концептот на дејствување на вооружените сили соодветно на сите постоечки форми на закани, чија цел пред се е уништување на воените, политичките и економските цели, преку ерозија на политичкиот систем, без директно ангажирање на непријателските сили во конвенционален напад.

Тој меѓу другото истакна дека и покрај постоечката култура на намалување на воените буџети во корист на зголемување на социјалните трошоци, армиите, како инструмент на националната моќ треба да се прилагодат кон овој нов начин на размислување, односно да ја покажат подготвеноста на воената мудрост за прифаќање на промените.

Способноста за прилагодување на нашата нова безбедносна средина ќе биде од клучно значење, бидејќи светот е сѐ повеќе меѓусебно зависен и бројот и карактерот на заканите се сѐ побројни и посложени, а некои закани дури ги преминуваат националните граници и претставуваат предизвик за благосостојбата на човештвото како целина. Култура на промени, флексибилност и адаптибилност е поважна за трансформирање на војската, од иновациите, посочи Величковски.

делегација на арм на самит во лондон

На оваа панел-дискусија се обратија и командантот на копнените сили на Армијата на Обединетото Кралство, како и командантот на Југо-источната мултинационална дивизија на НАТО.

На 17-тиот Самит учествуваат околу 500 стручни претставници на владини, армиски и производствени организации од оваа област, а на останатите панел-дискусии ќе се обратат и командантите на маринскиот корпус и командата за обука и доктрини на Армијата на САД, на копнените сили на вооружените сили на Италија, како и други високи воени раководители од повеќе армии.

Самитот, како што е наведено во соопштението, како најголем годишен состанок од оваа област во светски рамки, претставува единствена можност, особено за помалите армии како Армијата на Република Македонија за споделување на стекнати знаења, идеи и искуства од воената област, но и стекнување на меѓусебни корисни конекции и афирмирање на ставовите, можностите и активностите на своите земји и армии.

Ггенералот Величковски на маргините на Самитот оствари средба со генерал Мајкл Дуби, поранешен командант на националната гарда на Вермонт, САД со која Армијата на Република Македонија има партнерски релации.

Во следните два дена посетителите ќе имаат можност да ги проследат и да се запознаат со последните иновативни достигнувања во оваа важна копнена компонента во армиските структури.

Армијата на Република Македонија, како што е наведено во соопштението, за прв пат со свои претставници, на покана од организатор рамноправно и под уставното име учествува на ваков вид специјализирана светска манифестација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.