Делегација на АРМ во посета на Косово

Делегација на АРМ предводена од Заменикот на НГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини претстојуваше во официјална  посета на командата на КФОР во Приштина. Во командата на КФОР генералот Сејдини се сретна со командантот на КФОР, генерал-мајор Салваторе Фарина.

На средбата во Приштина се разговараше за безбедносната состојба во регионот и можностите за унапредување на соработката со силите на КФОР. Од двете страни е заклучено дека АРМ и силите на КФОР имаат воспоставено одлична соработката и дека постои потреба од нејзино проширување во наредниот период.

Како што е познато, во јуни 2007 година, во целосна оперативна готовност беше ставен Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој е во составот на Командата за логистичка поддршка на АРМ. Негова основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што АРМ посредно учествува во мисијата КФОР.