Делегација на бордот на директори на ЕБОР на прием кај Иванов

Делегација од Бордот на Директори на Европската банка за обнова и развој денеска присуствуваше на прием кај претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов .

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот Иванов, станало збор за соработката помеѓу Република Македонија и Европската банка за обнова и развој, која датира од 1993 година и се оценува за исклучително успешна.

– Претседателот Иванов искажа благодарност за улогата и ангажманот на ЕБОР како еден од најголемите поддржувачи на развојот на Република Македонија, преку реализација на повеќе проекти, а како посебно значајни ги нагласи проектите од областа на патната инфраструктура, транспортот и енергетиката, се вели во денешното соопштение.

Соговорниците размениле мислења и информации за состојбите во поширокиот регион. Во тој контекст делегацијата од ЕБОР искажала благодарност и ја нагласила улогата на Република Македонија и ангажманот на претседателот Иванов на регионален план, и ги поздравиле напорите за конкретизирање на проектите кои ќе овозможат инфраструктурно поврзување на целиот регион на Југоисточна Европа.

Делегацијата од ЕБОР ја реафирмирала подготвеноста за натамошна поддршка на развојот на Република Македонија во согласност со нашите потреби. Особено внимание било ставено на големите инфраструктурни проекти, како што се Коридорите 8 и 10, како и на енергетските проекти.

Соговорниците заклучиле дека соработката помеѓу Република Македонија и Европската банка за обнова и развој има основи да се продлабочи и интензивира во наредниот период, во насока на зајакнување на економскиот развој на државата.

На интересирање на членовите на Бордот на директори од ЕБОР, претседателот Иванов ги информирал за актуелните економски состојби во Република Македонија, за регионалната соработка, како и за стратешките цели на земјата, односно за актуелностите на планот на евроатлантските интеграции.

Во тој контекст,  македонскиот претседател ги запознал соговорниците со процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед, што, како што нагласил, претставува единствена пречка за продолжување на интегративните процеси, нагласувајќи дека блокадите не не обесхрабруваат сами да ги продолжиме реформите, да ги достигнуваме европските вредности и критериуми, и да постигнуваме економски резултати.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.