Делегација на Градот Скопје положи цвеќе пред споменикот „Паднати херои за Македонија“

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева во чест на големиот македонски државен празник 8-ми Септември, денеска положија цвеќе пред споменикот „Паднати херои за Македонија“.

Пред споменикот „Паднати херои за Македонија“ цвеќе положија и делегации од Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, претставници од канцеларијата на Претседателот на Република Македонија, делегации од политички партии, општини, странски претставништва и граѓански здруженија.

Денеска се одбележуваат 23 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. На референдумот претходеше носењето на Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.