Делегација од град Скопје положи цвеќе на гробот на претседателот Трајковски

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, денеска на гробот на претседателот Борис Трајковски, во Алејата на великаните на гробиштата во Бутел, положија цвеќе по повод одбележувањето десет години од смртта на претседателот, кој трагично загина во авионска несреќа во близина на Мостар.

На гробот цвеќе положија високи државни делегации, како и делегации од Општините на Град Скопје, државни и други институции, коишто го почитуваа делото на прерано починатиот претседател Борис Трајковски.

Македонска делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов ќе присуствува на одбележувањето на годишнината од смртта на Трајковски во Ротимље, на местото каде што се урна авионот.

Во македонското Собрание и во Министертвото за надворешни работи пред неколку дена се одржа меѓународен младински лидерски форум „Перспективите и предизвиците на младите луѓе“. Форумот се одржа по повод одбележувањето 10 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски, а беше организиран од меѓународната фондација која го носи неговото име.

По повод 10-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател, Борис Трајковски, деновиве, се одржа и меѓународен религиски форум на тема „Верата на лидер кој ѝ служи на нацијата“. Форумот го организираше Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи по повод 10-годишнината од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски.