Делегација од Нирнберг во посета на Скопје

Делегацијата на збратимениот град Нирнберг, која пристигна вчера со првиот лет од нововоспоставената авионска директна линија Скопје – Нирнберг, денеска остварија средба со делегација на градот Скопје, предводена од заменик-градоначалникот на Скопје, Борче Георгиевски.

– Сакам да Ви пожелам добре дојде во Скопје и се надевам дека за време на Вашиот престој ќе успеете да видите дел од убавините коишто ги нуди нашиот град. Нашата соработка е на високо ниво, а истата е најзастапена во областа на културата, образованието, спортот и противпожарната заштита. Во нашата долгогодишна соработка остварени се голем број средби и размени, а јас имав можност неодамна да го посетам Вашиот град, како дел на посетата на здравствените институции во Нирнберг. Вчерашниот ден и воведувањето на авионска директна линија Скопје – Нирнберг е историски во развојот на односите помеѓу нашите градови, бидејќи сега имаме можност одличното пријателство помеѓу двете институции да го прошириме на ниво на граѓаните на двата града -кажа Георгиевски.

Заменик-градоначалникот на Нирнберг, Кристијан Фогел, се заблагодари за одличниот прием во Скопје, пренесувајќи ги поздравите од градоначалникот на Нирнберг, Улрих Мали. Тој потенцираше дека одличната соработка треба да продолжи да се развива и двата града треба заедно да работат на зближување на граѓаните.

Покрај заменик-градоначалникот Фогел, во делегацијата на градот Нирнберг беа и Герхард Кругер, Почесен конзул на Баварија за Република Македонија, претставниците на Советот на Нирнберг, Насер Ахмед, Мак Хофкес и Елке Лео, како и Норберт Шургер, Раководител на службата за меѓународна соработка на Град Нирнберг.

Соработката на Скопје и Нирнберг трае повеќе од половина век, која почна во далечната 1963 година, кога овој град се вклучи во помошта за Скопје по катастрофалниот земјотрес. Скопје и Нирнберг го потпишаа договорот за збратимување во 1982 година и соработката помеѓу двата града е на високо ниво, а истата е најзастапена во областа на културата, образованието, спортот и противпожарната заштита. Изминативе години во рамките на оваа соработка се реализирани голем број работни посети на највисоко ниво, како и голем број посети на уметници, музичари, ученици и  на студенти.