Делев: Економијата расте, продолжуваме со реформите

Како партија, целосно земено, во првите 100 дена реализиравме над 100 проекти од изборната Програма, а уште 500 ги започнавме, додеко дополнително имплементираме над 150 проекти, надвор од изборната програма, истакна на денешната прес конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ, кој додаде дека растот на економијата се должи на големите капитални инвестиции од Буџетот, но и на извозот на фирмите, посебно на директните странски инвестиции во ТИРЗ и индустриските зони.

„Продолжуваме со реформите, зголемувајќи ги инвестициите, вработувањата, извозот и индустриското производство, направивме придвижување во економијата, продолживме да работиме на автопатите, да ги намалуваме трошоците, да ги зголемуваме приходите на нашите граѓани, модернизирајќи го живеењето и подобрувајќи го секој сегмент од животот на граѓаните. Како партија, целосно земено, во првите 100 дена реализиравме над 100 проекти од изборната Програма, а уште 500 ги започнавме, додеко дополнително имплементираме над 150 проекти, надвор од изборната програма. Но, јас ќе се задржам на економијата, која ми е доверена во надлежност, каде и покрај предизвиците во европската економија, забележавме највисок економски резултат во Европа во првиот семестар на 2014 година! Вториот квартал од 2014 година го завршивме со раст на БДП од 4,3%, како продолжение на растот во првиот квартал од 3,5%! Притоа, растот на економијата се должи на големите капитални инвестиции од Буџетот, но и на извозот на фирмите, посебно на директните странски инвестиции во ТИРЗ и индустриските зони“, истакна Делев.

Тој се осврна на странските директни инвестиции, кои бележат раст од 12,1% во првата половина од 2014 година во споредба со истиот период од минатата година.

„Посебно би сакал да ставам акцент на растот на извозот од ТИР Зони во периодот јануари-август 2014 година, во споредба со јануари-август 2013 година. Станува збор за раст од 91,2%! Тие донесоа и отварање на нови работни места, а со самото тоа и намалување на невработеноста на 28,2%, што за волја на вистината е историски најниско ниво во последниве 18 години. Истовремено стапката на вработеност во вториот квартал од 2014 година изнесува 41,1%, што е најдобро остварување откако се спроведува Анкетата на работна сила“, истакна тој.

Воедно напомена дека владата континуирано доделува субвенции и за инсталирање на сончеви колектори во домаќинства. Во 2014 година за добивање субвенција се избрани 606 домаќинства.

„Веќе е изграден и започна со работа првиот Парк на ветерни електрани Богданци, чија инсталирана моќност изнесува 36,8 MW. Направена е реконструкција на 110 KV далновод ТС Скопје 1 – ТС Куманово, а деновиве се финализира целосната реализација на изградбата на двосистемски 110 KV далновод ТС Битола 3 – ТС Битола. Работевме и на втората фаза на ревитализација на шест хидроелектрични централи, со што ќе се продолжи животниот век на постојните хидроелектрични централи и нивните придружни објекти,  како и зголемување на сигурноста на истите за производство на електрична енергија, зголемување на инсталираната моќност  од 18,1 МW и дополнително годишно производство од околу 50 GWh електрична енергија за македонските потрошувачи. Што се однесува до поголемите енергетски проекти, на ХЕЦ Бошков Мост се работи, односно се очекува да започнат градежните активности по завршувањето на постапката за избор на изведувачи на градежни работи, а за акумулацијата Луково поле во тек е изработката на основниот проект, како и Студијата за влијанието врз животната средина кои се очекуваат да бидат завршени до крајот на 2014 година од страна на Светска банка“, вели Делев, напоменувајќи дека политиката на привлекување на странски инвестиции е една од најуспешните политики на Владата во нејзиното портфолио.