Делев: Граѓаните очекуваат СДСM да ги исполни ветувањата за подигнување на животниот стандард

Минималната нето плата во моментов изнесува 10.800 денари. Минималната плата е воведена и утврдена од страна на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во директен дијалог со работодавачите и синдикатите, истакна на денешната прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Делев посочи дека Законот за минимална плата првпат е донесен на почеокот од 2012 година кога беше утврдена нето сума од 8.050 денари, со дадено ветување дека прогресивно ќе се зголемува идните години, што според него е и остварено и денес минималната плата изнесува 10.800 денари, и укажа дека доколку не биле „блокадите и деструкција“ од страна на СДСМ денеска таа плата би била многу поголема.

 

„Да потсетиме дека Законот за минимална плата пред донесување беше огромен хендикеп за огромен број работници. Истите тие работници беа оставени на маргините на работничките права. Со утврдувањето на минималната плата над 65.000 работници си го решија долгогодишниот проблем, бидејќи им се исплатуваше плата под предложеното ниво. Особено се реши горчливиот проблем во текстилната и кожарската индустрија“, потсети Делев.

 

Според него тоа се недостатоци и директен резултат на „криминалната приватизација“ изведена од страна на СДСМ во 1990-те години, кога беа затворени повеќе од 684 фабрики а над 200.000 семејства беа оставени на работ на егзистенцијата.

 

„Овие луѓе беа принудени да прифатат работа за каква и да е плата од страна на олигарсите кои се збогатија во времето на СДСМ“, рече Делев.

 

Континуираниот економски раст од неколку проценти секоја година, продолжи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, стабилната економија изминатите години, иако земјата се наоѓаше среде светска и европска криза, активните политиките на Владата предводена од неговата партија, за стимул на нови работни места, грижата за работниците, како и непрекинливиот дијалог со работодавачите и синдикатите, директно влијаеја за утврдувањето и зголемувањето на минималната плата.

 

„Очекувањата на граѓаните се да продолжи и понатаму трендот на воведување мерки и реализирање на проекти за покачување номинималната плата, подобрување на квалитетот на животот, како и на нивниот животен стандард. Граѓаните очекуваат СДС да ги исполни ветувањата и да овозможи нови 64.000 работни места, и просечна плата од 30.000 денари, како и минимална плата од 16.000 денари исто така во првата година, а докторите очекуваат плата од 100.000 денари. Граѓаните исто така очекуваат и стабилна економија и годишен раст комулативно секоја година од 5 отсто“, посочи Делев.

 

Додаде дека дополнително актуелниот министер за финансии, Драган Тевдовски, пред околу еден месец изјави дека веднаш по формирањето на владата, СДСМ ќе побара од парламентот зголемување на минималната плата за текстилната и кожарската индустрија на 12.000 денари.

 

„Ги охрабруваме да си стојат на зборот и веднаш да го реализираат истото. Граѓаните немаат никаква корист од најавите на СДС за уривање, блокирање и укинување. СДС мора да почне да испорачува тоа што го ветиле“, заклучи Делев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.