Делев: Катастрофалнaта економска политика на СДСМ ја донесе државата во рецесија

Катастрофалната лошата економска политика којашто ја води владејачката СДСМ ја донесе државата во рецесија, изјави во четртокот Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ и истакна дека оваа Влада нема концепт и знаење како да ја води економијата.

„Македонија ќе продолжи економски да тоне, бидејќи црното економско трио (премиерот Зоран) Заев, (министерот за финансии Драган) Тевдовски и (вицепремиерот за економски прашања Кочо) Анѓушев немаат намера да ги намалат непродуктивните трошоци и буџетскиот дефицит. Доколку навистина е потребна консолидација на Буџетот, тоа се решава на два начина. Или со буџетско намалување на буџетскиот дефицит или со нови инвестиции и проекти. Очигледно црното економско трио нема намера да реализира капитални проекти кои ќе бидат дополнителна вредност и ќе го повлечат растот. Заев, Тевдовски и Анѓушев очекуваат граѓаните и компаниите да го платат цехот за нивните политики. Дури и во најголемата економска и финансиска криза, Владата на ВМРО ДПМНЕ не помисли да ги крене даноците на товар на граѓаните, посочи Делев, додавајќи дека Заев јавно најави оти Владата планира да ги зголеми даноците.

Според него, зголемувањето на даноците ќе значи помалку пари кај граѓаните и во фирмите, помалку расположливи средства за инвестиции и отворање на нови работни места, како и зголемување на сивата економија и зголемената евазија на даноците.

„Зголемувањето на даноците неминовно ќе влијае на падот на стопанството,така што стопанствениците ќе немаат друг избор освен да започнат со отпуштање на голем број вработени. СДС со тоа директно ќе придонесе голем број на граѓани да ги загубат своите работни места и извор на егзистенција. СДС повторно ги враќа граѓаните во мрачните времиња на транзицијата кога стапката на невработеност изнесуваше над 38 отсто, која само поради развојните економски политики беше сведена на 22 отсто. Граѓаните веќе ја чувствуотваат неспособноста на СДС на сопствената кожа, со падот на просечната плата, и намалувањето на индустриското производство во јуни 2017 година за 2,2 отсто во однос на јуни 2016 година“, посочи Делев.

Нагласи дека со секој следен чекор на Владата, економијата и граѓаните се повеќе тонат.

„СДС сака да го исцеди и последниот денар од граѓаните и стопанството. Зголемувањето на даноците дополнително ќе го забрза падот кон економското дно. Имено од кога на власт е СДС, економијата е во слободен пад, БДП за последниот квартал е намален за цели 1,8 отсто со тенденција и натаму да опаѓа. Економијата тоне, даноците ќе се покачуваат, а Заев немилосрдно се задолжува. Министерството за финансии вчера објави проспект за нова аукција за вторник, на која е предвидено Република Македонија да се задолжи за нови 71 милион евра. Со задолжувањето во вторник сумата со која СДС ќе ја задолжи државата во период од само 5 месеци ќе се искачи на над 430 милиони евра. Дополнително на тоа ако го додадеме и вадењето на 180 милиони евра од државните девизни резерви без објаснување и јасно дефинирана потреба за државата, доаѓаме до неверојатна сума од 610 милиони евра, за кои граѓаните не знаат за што и како се потрошени“, истакна Делев.

Појасни дека станува збор за над 610 милиони евра задолжени од јуни до октомври, за само пет месеци од владеењето на СДСМ.

„А со тие пари не е реализирана нити една капитална инвестиција, ниту пак е направено нешто добро за граѓаните, тоа се 610 милиони евра провеани низ ветерот. Политиките на СДС во економијата наместо раст носат стагнација. Лошите економски политики на владата неминовно ја носат државата и граѓаните кон голема невработеност и сиромаштија“, рече Делев.