Делев реагира на најавите за кривични пријави од „Повардарие“: Тврдењата на винаријата се неосновани и со непознавање на работата

Поранешниот заменик министер за економија, Христијан Делев реагираше на информациите дека винаријата „Повардарие“наводно поднела кривични пријави против него, поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков и неговиот заменик Ванчо Костадиновски.

Делев во реакцијата вели дека тврдењата на „Повардарие“ се комплетно неосновани и со основни непознавања на работата на Владата и на Платежната агенција, односно процедурата за субвенционирање.

„Мерките што ги донесе Владата за поддршка на откупот на винско грозне важат за сите винарии во Македонија и се апликативни мерки кои ги спроведува Платежната агенција. За откупот аплицирале повеќе компании меѓу кои и ’Повардарие’. Причините зошто не добиле субвенции ’Повардарие’ треба да се бараат во Платежната агенција. Некои од причините зошто не се исплаќаат субвенции се неисплата кон производителите не грозје и долг кон државните институции’, пишува во реакцијата на Христијан Делев

Во реакцијата додава и дека Владата никогаш немала улога да одлучува кој и кога треба да добие субвенции.

„Пријавата од страна на Повардарие е неоснована и тенденциозна и базирана на шпекулации и има за да цел да ја прикрие лошата финансиска состојба во која се наоѓа винаријата пред претстојната откупна сезона. Субвенциите во Република Македонија се апликативна мерка според строго дефинирани закони“, завршува Делев во својата реакција.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.