Делев: СДС мора да почне да испорачува тоа што го ветиле

Просечната нето плата заклучно со месец март 2017-та година изнесува 22.445 денари. Во месец март 2006-та година просечна нето плата изнесуваше 13.255 денари. ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2006 до 2017 година ја зголеми платата за цели 9.190 денари или за 70% повисока просечна плата, истакна на денешната прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ и порача дека тоа претставва директен бенефит за граѓаните и подигање на животниот стандард на граѓаните.

Дополнително, посочи Делев, во моментов невработеноста е намалена на најниско ниво од 22,9 отсто во историјата на независна Македонија, или невработеноста е намалена од високите 38 проценти во времето на владата на СДСМ за повеќе од 15 отсто.

„ВМРО-ДПМНЕ изминатите години посветено работеше на економскиот раст и развитокот на македонската економија. Во време на светска економска криза која траеше неколку години, растот на македонската економија беше во континуитет во нагорна линија. Поволните услови за инвестирање во Република Македонија, политиката за привлекување на странските инвестиции, воспоставување соработка помеѓу домашните и странските компании, и овозможување на домашните и странските фирми олеснувања за вработувањата и отворање на работни места, се само дел од политиките кои влијаеја на покачување на просечната плата во рок од 10-тина години за цели 70 отсто“, рече Делев.

Како една од главните економски гранки кои беа моторот на економијата и стопанството и најдиректно влијаеја за зголемување на просечната плата Делев ги издвои градежништвото околу 20-ина илјади денари, ИТ секторот 40-ина илјади денари и рударски сектор колу 30-тина илјади денари. Преку развојот на овие три гранки, како и стимулот за истите да можат побрзо да се развиваат, компаниите имаа можност во константа да ја зголемат платата во овие економски гранки посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Очекувањата на граѓаните се да продолжи и понатаму трендот на воведување мерки и реализирање на проекти за покачување на просечната плата, подобрување на квалитетот на животот, како и на нивниот животниот стандард. Граѓаните очекуваат СДС да ги исполни ветувањата и да овозможи нови 64.000 работни места, и просечна плата од 30.000 денари, минимална плата од 16.000 денари исто така во првата година, а докторите очекуваат плата од 100.000 денари. Граѓаните исто така очекуваат и стабилна економија и годишен раст комулативно секоја година од 5 отсто“, рече Делев и заклучи дека граѓаните немаат никаква полза од најавите на актуелната власт која мора да започне да го исполнува она што го ветила.