Делев: СДСМ ја носи Македонија во уште поголеми проблеми

Македонската економија тоне, а од доаѓањето на СДСМ на власт индустриското производство е во слободен пад. Тоа се загуби од стотици милиони евра, обвини во саботата на прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Неспособната и расипничка влада на СДС нема економски концепт, освен расипничко трошење на парите на граѓаните. Сите економски индикатори се негативни, и долгот внатре и надвор расте, а виновник е црното економско трио Заев, Анѓушев и Тевдовски. На елементарната непогода што ја погоди економијата ѝ нема крај. Индустриското производство бележи рекорден пад од 5,3 отсто, а црното економско трио се крие и се обидува да ја дефокусира јавноста со разни манипулации на разни теми, преку нивните блиски медиуми за да го сокријат дебаклот од граѓаните за она што највеќе ги интересира, а тоа е економијата. Ги лажеа граѓаните со мед и млеко, а ја носат Македонија во рецесија. Гледано по сектори во јули индустриското производство во секторот рударство и вадење камен споредено со јули минатата година бележи пад од цели 3,4 отсто заради лошата кампања против рударството. Преработувачката индустрија исто така бележи пад од 2,6 отсто, а и градежниот сектор заради прекинувањето со градежни проекти бележи енормен пад. Алармантно е што ова се случува во континуитет. Неспособноста на владата на СДС на чело со расипничката тројка Тевдовски, Заев и Анѓушев ја носи Македонија во уште поголеми проблеми“, посочи.

Делев потенцираше дека со лошата економска политика и со најавите за зголемување даноци, Македонија може само да сонува за економски и странски инвеститори.

„Постоечките капацитети веќе се затворат или се бара криминален начин како да бидат уништени, а потоа превземени од фамилијата Заеви. Над 60 инвеститори кои сакаа да инвестираат во Македонија веќе не ја разгледуваат како инвестициска дестинација. Со ваквото однесување се доведува во прашање функционирањето на државата, а СДС единствениот излез го гледа во секојдневното енормно задолжување“, предупреди Делев.

Оцени дека станува збор за недомаќинско однесува на владата на СДСМ, којашто не само што ја задолжува земјата вртоглаво туку и ги прекина сите проекти кои веќе беа во финален процес.

„Се запреа градежните работи и градежништвото бележи надолен пад. Се затвораат фабрики, се задолжува државата, се прави негативна кампања за странските директни инвестиции и влошувањето во рударскиот сектор заради посебните кампањи кои тие ги направија за оваа индустрија, а добро е познато дека овие гранки се најголемиот учесник во градењето на Бруто домашниот производ. СДС ја клекнаа македонската економија на колена, се уништуваат и оние сектори кои беа стабилни и се носечки за македонската економија. Оваа неподнослива ситуација мора да престане. Македонската економија од ден на ден е се послаба и послаба. Македонија е влезена во рецесија. СДС за повеќе од три месеци ја уништи македонската економија. Граѓаните на Република Македонија се оние кои плаќаат за оваа катастрофално лоша политика на Зоран Заев и СДС. Граѓаните на Македонија на 15-ти октомври ќе ја казнат оваа расипничка и недомаќинска влада“, порача Делев.