Делев: Владата безмилосно ја турка земјата во долгови

Владата предводена од СДСМ безмилосно ја турка државата во долгови, премеирот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски единственото што го спроведуваат е исплатата на партиските долгови кон послушниците и соросовите активисти, изјави во средата Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ

„Македонската јавност е сведок дека владата на СДС за овие неполни три месеца државата секој ден ја задолжува. Заев и Тевдовски единствена мерка што ја спроведуваат е исплата на партиските долгови кон послушниците и соросовите активисти со пари на граѓаните преку забрзано задолжување“, рече Делев.

Истакна дека во вторникот министерот Тевдовски кого го нарече „министерот за задолжување“ земјата ја задолжи за нови 2,70 милијарди денари односно 43,9 милиони евра, а тоа е премолчено од медиумите поддржувни од власта на СДСМ.

„Заедно со вчерашната аукција за овие 75 дена Тевдовски има издадено државни хартии во вкупна вредност од 145 милиони евра. Министерот за задолжување Драган Тевдовски, само по основ на државни хартии од вредност на дневно ниво ја задолжи државата за речиси 1.933.333 евра. Министерот за задолжување Драган Тевдовски, само по основ на државни хартии од вредност на на секој час ја задолжува државата за речиси 80.555 евра. Министерот за задолжување Драган Тевдовски, само по основ на државни хартии од вредност секоја минута ја задолжува државата за речиси 1.342 евра“, посочи Делев.

Додаде дека граѓаните од оваа влада за овој период од реформи видоа само долгови.

„Граѓаните на Република Македонија имаат право да знаат каде одат нивните пари и зошто државата се задолжува со толкави суми на пари. Време е владата на СДС да одговори на граѓаните на што планира овие пари да ги потроши дали за остварување на дадените ветувања за минималната плата од 16.000 денари, просечната плата од 30.000 денари, плата од 100.000 денари за докторите, или пак за луксузите, октоподите, морските плодови, цвеќињата, партиските вработувања и вдомувањата на соросовите платеници. Заради неработата, непосветеноста и негрижата СДС набрзо ќе се соочи со политичката одговорност“, нагласи Делев.