Делев: Владата повторно ја задолжи државата со 24,4 милиони евра

Македонската економија е пред амбис. Македонија влезе во рецесија. Црното економско трио секојдневно ја уништува државата. Заев, Анѓушев и Тевдовски, синоќа донесоа одлука за измена на максималниот износ на задолжување преку издавање на државни хартии од вредност. Со оваа одлука црното економско трио ќе не заглави и нас и сите идни генерации во долгови само за да ја покријат сопствената неспособност за креирање нормални услови за раст на економијата, истакна на денешната прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Делев посочува дека црното економско трио веќе во вторник ќе ја задолжи државата за нови 24 милиони евра.

-Не поминаа ниту десет денови од последното задолжување кое изнесуваше 72,3 милиони евра, а финансиската кујна на СДС веќе ни спреми ново задолжување на домашниот пазар. Во екот на предизборната кампања, министерот Тевдовски, издава широка палета на државни хартии од вредност составена од: 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 750 милиони денари, 2-годишни државни обврзници без девизна клаузула во износ од 500 милиони денари и 15-годишни државни обврзници со евро клаузула во износ од 250 милиони денари. СДС во очи на избори забрзано се задолжува, без да каже каде ќе одат парите, кои утре треба сите ние заедно да ги враќаме, нагласува тој.

Делев прашува за што ќе служат ваквите пари кога знаеме дека досега владата нема реализирано ниту една капитална инвестиција.

– СДС отвара сомнеж за можна изборна корупција, за кое претставниците на меѓународната заедница и меѓународните организации не смеат да останат неми. Со новото задолжување, СДС за нешто повеќе од 4 месеци ќе ја задолжи Македонија за 523 милиони евра. Како што е видливо од графичкиот приказ, задолжувањата со хартии од вредност има загрижувачка тенденција на постојано зголемување. Од 18 јули оваа година, СДС непрестано ја задолжува земјата, првично за 10,6 милиони евра, притоа за неполн месец, на 8 август оваа година ја задолжи земјата за додатни 30 милиони евра. Понатаму расипничката и должничка влада, само во септември, два пати ја задолжи државата со хартии од вредност, и тоа на 5 септември, за 27 милиони евра и на 19 Септември, за 76,33 милиони евра. На 3 октомври исто така следеше ново задолжување во износ од 72,26 милиони евра, посочува Делев.

Тој вели дека последните вести од финансиската кујна на СДС се нови 24,4 милиони евра задолжувања во хартии од вредност на 17 октомври.

-Социјалдемократскиот сојуз нема ниту грам одговорност кон сопствените граѓани. Владата се однесува расипнички и ја става иднината на граѓаните и државата на коцка. Владата во период пред избори задолжи милиони евра за кои никој не знае кај завршиле и каде допрва ќе завршуваат. Милионски задолжувања и ниту еден реализиран проект. Недомаќинското работење на СДС почна уште првиот ден на мандатот и уверени сме дека ќе трае до последниот. СДС ќе одговара за поигрувањето со народните пари и катастрофалното управување со економијата. На 15-ти октомври граѓаните ќе стават крај на ова расипничко владеење, нагласува Делев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.