Делумно обновена испораката за струја од Украина за Крим

Украинските власти денеска соопштија дека почнале со делумна испорака на струја за полуостровот Крим, кој од 22 ноември е без електрична енергија, откако беа урнати четири главни далекуводи на територијата на Украина.

Соборувањето на далекуводите, за руските власти беше „терористички чин“ и Москва за тоа ги обвинети ултрадесничарите од украинската партија Десен Сектор и припадниците на кримските Татари.

Властите во Киев соопштија дека засега е поправен само еден од соборените далекуводи, додека другите три и натаму се неоупотребливи, пренесува МИА.

Украинските власти се оправдуваат дека за нивното поправање се чека согласност на „антируските активисти“, кои не им дозволувале на вработените од украинската електродистрибуција одново да ги подигнат далекуводите.

Руските власти претходно соопштија дека оставањето на Крим и неговите два милиони жители без струја, повеќе од две недели е дел од политичките „енергетски игри“ на официјален Киев.

Москва веднаш по соборувањето на далекуводите ја намали испораката на руски јаглен за Украина, а тоа го направија и властите во сепаратиситчките региони Доњецк и Луганск.

Кримските Татари во меѓувреме ги отфрлија тврдењата на властите на Украина дека им дозволиле на сервисерите да ги поправат далекуводите.

Од Русија е потврдено дека забразано се поставува подморски електричен кабел, со цел Крим да биде поврзан со руската територија за добивање струја и да се заобиколи Украина.