Демант од Митко Андреевски

Ви го пренесуваме во целост демантот од Митко Андреевски, за текстот „Партиски пајташ на Заев зема милиони од струмичани преку гасот“, објавен на Нетпрес.

Целосна невистина е дека јас, Митко Андреевски сум инкасирал 2,5 милиони евра од тендери на општина Струмица.

Дополнителна лага се сумите кои се наведени, коишто се произволни,  десетици пати зголемени и немаат никаква врска со реалните.

Ниту 2,5 милиони евра чини гасот досега, ниту имам тендер за 35 години,  ниту пак заработувачката на фирмата е 500 илјади евра како што лажно објавија горенаведените Телевизии и портали.

Манипулациите се гледаат и во однос на цената на гасот, со несоодветна споредба на различни типови гас.

Цената на природниот гас во форма на (ЦНГ) е различна од природниот гас кој се споредува во прилогот. Цената од 24.44 денари на гасот во Струмица е многу пониска од цената која е јавно достапна во Скопје а изнесува 34 денари.

Споредбата дека цената на гасот е поската од струјата е уште една ЛАГА! Вистината е следна: Цената на гасот во Струмица е двојно поефтина од цената на струјата.

Придобивките од овој проект за граѓаните, општинските како и комерцијалните објекти на Струмица се повеќекратни.

Никогаш не сум криел дека сум учествувал во проект за гасификација, но како управител на фирма која реализира проекти за снабдување со гас, со повеќе од десетгодишно искуство во приватниот енергетски сектор.

Не е точно дека сум бил функционер на СДСМ, ниту пак сум бил член во некој орган и тело на СДСМ во 2011, 2012, 2013 или 2014, години во коишто се реализира проектот гасификација на градот Струмица.

Факт е дека ниту денеска не сум член на Извршниот одбор, Централниот одбор или Конгресот на СДСМ. Од  2015 година ја предводам Комисијата за енергетика на СДСМ како нејзин претседател.

Фактот што снабдувањето и транспорт на КПГ во Струмица е направен на меѓународен тендер прави суштинска разлика и ја потврдува транспаретноста и законитоста на целата постапка.

Уште еднаш во целост ги демантирам лажните наводи на порталите Курир, Вечер, Телеграф, Република, Пресс24, Пулс24, Нетпрес, како и на телевизиите Сител и Алфа.