Демант од Руската амбасада за средбата Заев-Шчербак

Руската амбасада писмено реагира на вчерашното соопштение на македонската влада за средбата на премиерот Заев со рускиот амбасадор Олег Шчербак.
Од амбасадата тврдат дека соопштението на владата не ги пренело точно пораките од рускиот амбасадор упатени до премиерот.
„Во врска со соопштението на службата за информирање на Владата на Република Македонија што беше пренесено од страна на МИА и други медиуми, а по повод средбата на Амбасадорот на Руската Федерација г.Олег Шчербак со Претседателот на Владата на Република Македонија, г.Зоран Заев, која се одржа на 19 октомври 2017 година, Амбасадата информира дека текстот на посоченото соопштение не е усогласен со руската страна и не претставува сосема коректен одраз на одделни оценки кои беа изнесени за време на разговорот од страна на Амбасадорот на Русија. Во исто време, руската страна ја потврдува својата посветеност на сестрано и конструктивно унапредување на традиционално пријателските односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија.“, стои во соопштението.
Инаку владата вчера соопшти дека на средбата рускиот амбасадор ги поздравил напорите на владата за евроатланска интеграција на Македонија.
Рускиот амбасадор, како што стои во владиното соопштение за средбата, ја поздравил енергичната посветеност на премиерот Заев и неговиот придонес за демократските процеси што ја движат Македонија напред и изразил почитување за политиките кои водат кон евроатлантски интеграции на Македонија, но и унапредување на односите со другите држави. На средбата заеднички било оценето дека „отворените и посветени политики на премиерот Заев и на новата Влада создаваат услови за интензивирање на соработката помеѓу Република Македонија и Руската Федерација во областа на економијата, трговијата и инвестициите, земјоделството, енергетиката, транспортот, научно-техничката соработка и културата, што ќе се унапредува со меѓувладина и меѓупарламентарна соработка“.