Насилни протести во центарот на Атина

Насилни протести во центарот на Атина

Група насилни демонстранти синоќа се судри со грчката полиција во центарот на Атина, откако Парламентот на Грција го усвои предлог-договорот меѓу грчката Влада и кредиторите.

За време на парламентарната седница на атинскиот плоштад Синтагма се собраа околу 12.000 лица, кои протестираа против новите мерки за штедење, чие спроведување, согласно договорот постигнат во понеделникот е услов за исплата на третиот пакет помош за Грција.

Иницијатор на протестот беше влијателниот синдикат на државните службеници АДЕДИ, кој се изјасни против договорот со кредиторите.

Но, по завршувањето на протестот, на плоштадот останаа неколку дестици маскирани млади лица, најверојатно анархисти, кои почнаа да фрлаат со камења и молотиви коктели врз полицајците.

Полицајците возвратија на нападот, при што за растерување на насилните демонстранти беа користени и шок бомби. При судирите се приведени над 30 демонстранти.

За време на немирите беа оштетени повеќе објекти и возила, меѓу кои и минибус на еден грчка телевизија.