Ден на Командата за обуки и доктрини

Во касарната „Алекса Демниевски – Бауман” во Велес денеска ќе се одржи свеченост по повод Денот на Командата за обука и доктрини (КОД).

Најавено е присуство на заменик началникот на Генералштабот (ГШ) на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, командантот на КОД полковник Љупчо Костовски, претставници од Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, команданти на  потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа…

Со одлука на претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, за Ден на  КОД е одреден 15-ти април, како датум кога во 1992 година зачекорија првите војници-регрути во касарните на АРМ, во независна и самостојна  Република Македонија.

Основна мисија на КОД е да ја организира, координира и реализира индивидуалната обука за војниците, питомците, подофицерите и офицерите од активниот и резервниот состав на АРМ, како и поддршка на колективната обука на командите и единиците на АРМ и развој на доктрините и научените лекции. Во нејзин состав се наоѓаат центрите за обука, полигоните и вежбалиштата во АРМ. КОД досега успешно организираше 25 курсеви на доброволно служење на воениот рок, а континуирано ги реализира основниот и напредниот курс за подофицери, со што обезбедува потполна реализација на Концептот за професионален развој на подофицери и професионални војници во АРМ. Со новата трансформација, КОД се стекна со капацитети за развој на Центар за симулации, а голем придонес даде со изработката на голем број упатства, правила и доктрини од различни области на функционирањето на Армијата.