Ден на воздухопловната бригада на АРМ

Со дефиле на воздухоплови и тактичко-технички збор на опремата воздухопловната бригада на АРМ денеска на аеродромот „Александар Велики“, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец ќе го одбележи денот на бригадата, пренесува МИА.

На свеченоста ќе присуствуваат министерот за одбрана Зоран Јолевски, заменик началникот на Генералштабот на АРМ генерал – потполковник Насер Сејдини, командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал мајор Методија Величковски и други високи гости.

Постоењето на ВБР се темели врз одлуката на Претседателот на Република Македонија од 10 април 1992 година, со која е формирана командата на против-воздушната одбрана и военото воздухопловство (ПВО и ВВ) на АРМ во чиj состав влезе авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон.

Во 2005 година со програмата за реконструкција на АРМ, воздухопловната бригада се трансформираше во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група ) која фигурира до 2012 година кога повторно се формира воздухопловна бригада во составот на Здружената Оперативна Команда.

Денес, покрај основната мисија на ВБР за остварување на блиска воздушна огнена поддршка на маневарските единици на АРМ, нејзината мисија е да учествува во мировни и мисии од хуманитарен карактер предводени од НАТО, ЕУ и ОН, учество во справување со конфликти од регионален карактер, како и поддршка на институциите во Република Македонија при справување со природни непогоди и други несреќи.

Од 2006 до 2008 година, со еден хеликоптерски детачмент од тогашниот воздухопловен ВИНГ, АРМ учествуваше во мисијата АЛТЕА во рамките на силите на ЕУФОР во Босна и Херцеговина од каде ангажирањето на оваа единица беше оценето со највисоки оценки.

фото: МРТ