Ден на воздухопловната бригада на АРМ

Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, денеска ќе се одржи свеченост по повод одбележување на денот на воздухопловната бригада  на АРМ.

На свеченоста ќе присуствуваат заменик министерот за одбрана на Република Македонија, Емил Димитриев, државниот секретар во МО, Сашо Стефаноски, заменик-командантот на ЗОК бригаден генерал, Мухамед Рацај.

Постоењето на ВБР се темели врз одлуката на Претседателот на Република Македонија од 10 април 1992 година, со која е формирана командата на против воздушната одбрана и военото воздухопловство (ПВО и ВВ) на АРМ во чиј состав влезе авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон.

На 28 јуни 1994 година тогашната команда на ПВО и ВВ на АРМ во својот состав ги доби првите транспортни хеликоптери Ми-17 со што воздухопловната бригада почна позабележително да се развива. Во 2001 година, оваа единица е опремена со борбени хеликоптери Ми-24 и УХ-1Х.

Денеска, покрај основната мисија на ВБР за остварување на блиска воздушна огнена поддршка на маневарските единици на АРМ, нејзината мисија е да учествува во мировни и мисии од хуманитарен карактер предводени од НАТО, ЕУ и ОН, учество во справување со конфликти од регионален карактер, како и поддршка на институциите во Република Македонија при справување со природни непогоди и други несреќи.

На воениот дел од аеродромот „Александар Велики“, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, денеска во чест на денот на вбр на Република Македонија, ќе биде прикажано дефиле на воздухоплови и тактичко-технички збор на опремата, која ја поседуваат единиците од составот на вбр.