Ден на женското претприемништво

Здружението на бизнис жени денеска со пригоден настан ќе го одбележи Денот на женското претприемништво.

Според последната анализа на Здружението, учеството на субјектите основани од најмалку една жена со влог над 50 проценти во вкупниот број новорегистрирани/основани субјекти во трговскиот регистар, во последните сдум години е од 25 до 27 отсто.

– Бројот на субјекти во сопственост на жени, над 50 отсто, и бројот на вработени во тие субјекти е многу мал во руралните средини. Овие резултати упатуваат на потребата од креирање мерки за поттикнување на женското претприемништво во Република Македонија особено во делот на зголемување на бројот на вработени во субјектите кои се во сопственост на жени како и поттикнување на деловната активност на жените во руралните средини, велат од Здружението, пренесува МИА.

Како што стои во анализата, бројот на субјекти основани од најмалку една жена основач со влог над 50 отсто е во континуирано опаѓање. Овој тренд го следи трендот на опаѓање на новорегистрирани субјекти во трговскиот регистар во последниве седум години.

Во Македонија во периодот кога било правено истражувањето, 2012 – 2013 година, биле активни 21.858 субјекти во сопственост на најмалку една жена кои вработуваат 44.982 лица. Вкупно 99 отсто од овие субјекти се во категоријата микро (73,91 отсто) и мали (25,67 отсто).

Субјектите во сопственост на најмалку една жена, над 50 отсто, од областа на стопанството учествуваат со околу 33 проценти во вкупниот број активни претпријатија, но само со 10,5 отсто во вкупниот број вработени.

Најголем дел од субјектите во сопственост на жени во 2013 година се во секторот Трговија на големо и мало (10.309), Преработувачката индустрија (2.096), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (1.517), Стручни научни и технички дејности (1.443), Дејности на здравствена и социјална заштита (1.513) и други услужни дејности (1.002).

Преработувачката индустрија учествува со 9,58 отсто во вкупниот број субјекти во сопственост на жени, а вработува 9.827 лица односно 21,84 проценти од вкупниот број вработени кои овие субјекти вработуваат. Секторот Трговија на големо и мало зафаќа 47,16 отсто од вкупниот број субјекти во сопственост на жени, а вработува 36,1 отсто од вкупниот број вработени кои овие претпријатија ги вработуваат.