Ден за реми во Англија, Салах се израмни со Ширер, Роналдо и Суарез

Во 35-то коло од англиската Премиер лига, Ливерпул на гости кај Вест Бромвич Албион одигра 2:2 иако водеше со 2:0.

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп направи неколку измени во екипата за пресметката со тимот кој се бори за опстанок во лигата, бидејќи во вторник го очекува полуфиналниот дуел со Рома во Лигата на шампионите. Така, во првиот состав се најде Дени Ингс, кој многу ретко истрчува на теренот оваа сезона, но токму тој уште во 4 минута ги доведе во водство „Редсите“. Резултатот не се менуваше до 72 минута, кога Мохамед Салах го удвои водството на гостите. Меѓутоа, и покрај заостанувањето од 0:2, ВБА во финишот на натпреварот да израмни со погодоците на Џејк Ливмор во 79 и Саломон Рондон во 88 минута.

Иако со смела игра го избегна поразот на домашен терен, ВБА остана на последното место на табелата со 25 бодови и речиси сигурно се сели во втората лига, бидејќи од 17-от Свонси, кој го држи местото кое гарантира опстанок, има осум бодови помалку и два натпревара повеќе. Ливерпул, пак, собра 71 бод и останува на третата позиција, три помалку од вториот Манчестер Јунајтед и три повеќе од петтиот Тотенхем, кои имаат и меч помалку, а во саботата го играат својот дуел од ФА купот.

Во вториот саботен меч Ватфорд и Кристал Палас, исто така, ремизираа, но без голови. Ватфорд е 12-ти со 38 бодови, а Кристал Палас полека но сигурно се извлекува од опасната зона и сега е 15-ти со 35 бодови, шест повеќе од 18-то место кое е првото кое носи во понизок ранг, а на кое е Саутемптон со 19 бодови.

Денешниот погодок на Мохамед Салах беше 41-от сезонава во сите натпреварувања, а 31-ви во Премиер лигата. Египетскиот напаѓач има можност да го собори рекордот според бројот на головите во една сезона во Премиер лигата, откако таа има 20 клубови. Сега со 31 гол е изендачен со Алан Ширер, кој беше најдобар стрелец во сезоната 1995/96, Кристијано Роналдо од 2007/08 и со Луис Суарес од сезоната 2013/14.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.