Македонија

Денарот го слави 23-иот роденден

Денарот го слави 23-иот роденден

На 26-ти април годинава нашата официјална валута, денарот, го слави 23-иот роденден. Македонскиот денар беше воведен на 26-ти април 1992-ра година.  Република Македонија монетарно се осамостои точно на големиот христијански празник Велигден 1992 година.

Печатењето на првите македонски пари почна на 15-ти јануари 1992 година во прилепската печатница „11 Октомври“.

mak_denar_1mak_denar_3

„На 15 јануари 1992 година во печатницата во Прилеп ’11 Октомври‘ се’ беше готово да се почне со печатење на првите македонски пари во вид на вредносни бонови. Тоа требаше да се реализира на машина најсоодветна за тоа, со која работеа двајца работници, брачен пар. Во салата се чувствуваше свечена атмосфера и тишина. Кога беа направени сите подготовки, нумераторот на машината поставен на нула, а обичната хартија заменета со специјална, околу 11 часот почна печатењето. Кога го видов првиот табак со лицето на 24 банкноти, почувствував како очите ми се полнат со солзи. Со намера да ја скријам својата слабост, се свртев кон прозорецот, бришејќи си ги незабележливо очите. Кога малку се созедов, се завртев повторно кон машината која непрекинато го печатеше лицето на банкнотата, по 24 примероци на секој табак, видов дека и очите на брачните сопружници што работеа на машината беа полни со солзи. И не само нивните, солзи радосници имаше на очите на сите што беа сведоци во тој миг на овој историски чин кога почна печатењето на првите македонски пари“.

Ова го напишал во своја статија Борко Станоевски, првиот гувернер на Народна банка на Македонија.

mak_denari_3mak_denar_6

Македонската валута се појави во исклучително сложени економско-политички услови. Иако Република Македонија прогласи самостојност на 8 септември 1991 година, на нејзина територија сеуште беа присутни единиците на тогашната ЈНА и земјата не можеше така едноставно да излезе од т.н. заеднички југословенски монетарен простор. Меѓутоа, со монетарното отцепување на Словенија и Хрватска, настана прелевање на огромна количина на хиперинфлаторни динари кон јужните делови на СФР Југославија, што претставуваше сериозна закана за ровитата македонска економија.

mak_denar_8 mak_denar_10

Владата на Република Македонија на 19 декември 1991 година донесе одлука со која ја овласти Народната банка на Македонија да го организира процесот на печатење и дистрибуција на вредносни бонови како привремено платежно средство. Соочени со хиперинфлацијата, во првите денови од 1992 година во кабинетот на тогашниот премиер Кљусев беше донесена одлука да се забрза монетарното осамостојување на земјата.

mak_denar_12mak_denar_14

Групата за спроведување на монетарната политика во која беа: Академик Ксенте Богоев, Министерот за финансии Методија Тошевски, Гувернерот Борко Станоевски, Заменик-гувернерот Томе Неновски и Љубе Трпески, доби задача за кратко време да ги спроведе подготовките за монетарно осамостојување. Сите тие имаа јасна визија дека воведувањето на македонска валута е единствено исправно решение.

mak_Denar_16mak_denar_18

Печатењето на македонската валута, требаше да се изведе во најголема тајност. Во тоа помогна Народната Банка на Словенија, која овозможи да се набави квалитетна хартија за печатење на пари од фабриката Радече во Република Словенија и во најголема тајност да се испорача за Македонија, со брод преку соседна Албанија.

mak_denar_19mak_denar_20

Сите се плашеле да не излезе во јавноста информацијата дека Македонија се подготвува, по политичкото осамостојување, и за монетарно осамостојување, иако тоа се насетувало и очекувало.

mak_denar_21mak_denar_22

Поради чувствителноста на прашањето на дизајнот на парите и краткото време, била донесена одлука сите вредносни бонови да се со ист дизајн, а да се разликуваат само по боите. Првите бонови биле во апоени од 10 денари, 25, 50, 100, 500 и 1.000 денари, подоцна се отпечатени и две нови банкноти од 5.000 и 10.000 единици.

mak_denar_23 mak_denar_24

На 26-ти април 1992 година, тогашниот премиер на Република Македонија Никола Кљусев на говорницата во Собранието на 26 април 1992 година кога пратениците ги усвоија Законот за Народна банка на Македонија, Законот за парична единица и за нејзина употреба изјави:

– Со Законот за парична единица Македонија добива своја валута и имам задоволство да ви покажам како таа изгледа. Нека ни е честито!

mak_denar_25 mak_denar_26

Името на првите македонски пари било неизвесно речиси неколку дена до пред пуштањето на вредносните бонови во оптек.

Уште кон крајот на јануари, од непознат автор бил даден предлог, името на новата валута да биде „пеон“, според античкот народ Пеони кој живеел на територијата на Македонија. Потоа од прилепската печатница, самоинцијативно бил отпечатен прототип на македонски пари под името „статер“, под кое некои од античките македонски владетели ги ковале своите пари. Неколку дена пред собраниската седница, академик Петар Х. Илиевски го дал конечниот предлог „денар“.

Во образложението, академик Илиевски навел дека уште од римско време на територијата на Македонија се користеле римски пари, чиј основен назив бил „денариус“, латински збор изведен од „дени“, што значи „по десет“ и декм, сесловенски збор за десет. Укажувајќи дека името „денариус“ продолжило да се употребува, тој ќе посочи дека името „денар“ е најсодветното решение за новите македонски пари.

mak_denar_27

Вредносните бонови требало да имаат рок од само шест месеци и да го трасира теренот за фактичко заживување на македонската валута. Советот на НБМ дури на крајот од 1992 година, односно на 10 декември, донесува одлука за изработка на новите пари. На јавен и анонимен конкурс биле понудени идејните решенија. Првата награда ја добила Билјана Унковска. А при изработката на моделите се користеле фотографии и мозаици на познатиот уметник-фотограф Благој Дрнков.

Првите македонски денари, не бонови, беа пуштени во оптек во мај 1993 година.

Денес во Република Македонија во оптек се метални монети со деноминации од 1, 2, 5, 10 и 50 денари како и хартиени банкноти со деноминации од 5000, 1000, 500, 100 (50 и 10 привремено) денари. Во 2013 година, НБРМ објавила оглас за избор на дизајн за новите банкноти од 200 и 2000 денари кои ќе бидат во оптек од 2015 година.

pariiii

Во ноември, минатата година Советот на Народната банка на Република Македонија на седница го прифати идејното решение на новите книжни пари од 200 и 2000 денари и ги задолжи стручните служби да ги преземат сите активности неопходни за нивното печатење.

Во пресрет на годишнината од монетарното осамостојување Народната банка на Република Македонија денеска ја организира Четвртата меѓународна истражувачка конференција на тема: „Справување со структурните ригидности во контекст на ефективноста на трансмисијата на монетарната политика“.

Оваа конференција, организирана по повод одбележувањето на годишнината од монетарното осамостојување на Република Македонија, на едно место ги собра истражувачите од академската заедница и институциите-носители на политиките и обезбеди дискусија базирана врз истражувања и совети коишто се релевантни за централните банкари и другите носители на политиките во регионот.