Денеска е Христово вознесение – Спасовден

Денеска е Спасовден – Вознесение Христово. Спасовден, или празникот на Христовото вознесување на небото е четириесеттиот ден од Воскресението. Господ во текот на 40 дена по своето воскресение им се јавуваше на учениците, зборувајќи им за царството Божјо.

Празникот на Христовото вознесение – Спасовден спаѓа во големите христијански празници, се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Четириесет дена по воскреснувањето Исус им се јавувал на своите ученици и ги подготвувал за нивната идна активност. Во овој период луѓето сè уште се поздравуваат со христијанскиот поздрав „Христос воскресе“ (Христос воскресна) и си отпоздравуваат со „Воистину воскресе“ (Навистина воскресна).

Празникот Вознесение Христово се празнува во спомен на вознесувањето на Исус Христос на небото.

„И откако им заповеда да не го напуштаат Ерусалим, туку да го чекаат слегувањето на Светиот Дух, тој ги изведе своите ученици во Витанија, ги благослови и се вознесе на небото.

Додека учениците гледаа во облакот што го сокри Господа пред нивните очи, ангелите им објавија дека истиот Исус кој од нив се вознесе на небото пак ќе дојде на ист начин како што го видоа да се вознесува. Овој празник се нарекува Спасовден затоа што во денот на Христовото вознесение се доврши делото на спасението“.