Денес нови содржини на фестивалската програма на „Охридско лето“

По синоќешното свечено отворање на „Охридско лето“ со големиот концерт на оперската дива Елина Гаранча, Фестивалот веќе од денеска продолжува со својата редовна програма и тоа со две интересни содржини.

Првиот настан предвиден за денеска ќе се одвива на Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ каде од 20 часот ќе биде претставен краткиот филм „Мојот клас“ во кој се обработува темата на Холокаустот, во изведба на израелската група „Кармелим“. Групата основана пред 30-тина години се состои од триесеттина млади луѓе на возраст до 18 години кои преку свои концептуални изведби и уметнички слики претставуваат дел од својата историја и актуeлни збиднувања од животот во Израел.

За групата „Кармелим“ се вели дека од основањето постојано работи на нови проекти, а секоја нивна продукција е прослава проследена со песна, танц и младешка енергија на сцената.

Вториот настан на репертоарот на „Охридско лето“ предвиден за денеска е отворањето на изложбата „Филигранска приказна” на која ќе бидат претставени ракотворби на Мирјана Николоска.

Преку изработка на креации со филигранските мотиви, Мирјана Николоска ја продолжува традицијата на еден од најстарите и најубавите македонски занаети, кој се користел низ вековите. Филигранските дела се доказ за љубовта и умешноста на творецот во пренесувањето на една од најубавите техники преку својата мануфактурна умешност, создавајќи префинетост, уникатни, оригинални и препознатливи дела на македонското културно поднебје во кои е зачувана традицијата, културата и македонското културно наследство.

Николовска веќе има реализирано неколку самостојни изложби низ повеќе градови во Македонија, а нејзините дела се изложени низ повеќе наши сувенирници низ Македонија, односно во Скопје, Охрид и Вевчани.

Изложбата ќе биде отворена во Куќата на Уранија во 21 часот, а ќе трае до 16-ти овој месец.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.