И денес разговори меѓу партиите за отворените прашања

Претставници на четирите партии потписнички на Договорот од Пржино денеска, трет ден по ред, ќе се состанат во обид да ги надминат несогласувањата што го попречуваат решавањето на политичката криза.

Претставниците на партиите во оваа фаза разговараат за прочистувањето на Избирачкиот список и реформата во медиумите. Се очекува и на ова продолжение на разговорите да присуствуваат амбасадорите на ЕУ и на САД, Аиво Орав и Џес Бејли.

Амбасадорот Бејли по вчерашната средба во резиденцијата на ЕУ во Пржино изјави дека е завршена добра работа, но оти се уште не е постигнат договор. Рече дека е оптимист и оти разговорите продолжуваат денеска.

Имавме конструктивна средба. Завршена е добра работа, но не е постигнат договор. Продолжуваме со работа. Не сум разочаран. Кога се преговара и разговара понекогаш е потребно повеќе време. Оптимист сум, изјави Бејли.

На оваа фаза од меѓупартиските разговори учествуваат Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шекеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.