Денеска е Богојавление – Водици

Православните верници денеска го слават големиот христијански празник Богојавление – Водици, кој се празнува уште од вториот век. Празникот е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, пренесува МИА.

Празникот се нарекува уште и Водици заради големиот водосвет што го извршува Црквата на овој ден. Традиционално, во реките се фрлаат крстови, а оној што ќе го фати светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Со Водици завршуваат т.н. Некрстени денови.

Годинава, најголема масовност се очекува во Скопје и во Охрид.

Околу 120 граѓани ќе се обидат да го фатат светиот крст во водите на Вардар што точно напладне од мостот кај хотелот Холидеј Ин ќе го фрли архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Василиевата литургија ќе почне во 9 часот во црквата „Успение на Пресвете Богородица“ во Скопје по што поглаварот на МПЦ-ОА заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон мостот каде ќе ги освети водите на Вардар.

Директен пренос од целата церемонија ќе вршат МТВ и Сител. Екипите на Црвен крст ќе обезбедат тимови за прва помош, чамец со спасувачи во вода. Од Црвениот крст препорачуваат капачите да носат соодветни обувки кои ќе ги заштитат од евентуални повреди, да не конзумираат голема количина на алхокол и да не влегуваат прерано во водите на Вардар со цел да се избегнат хипотермички удари од студ.

Во Охрид манифестацијата ќе започне во 10 часот кај Градското пристаниште, а крстот ќе биде фрлен во водите на езерото околу 10:15 часот.

Богојавление – Водици согласно Законот за празници на Република Македонија е неработен ден за верниците од православна вероисповед

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.