понеделник, 29 мај 2017  |  Вести денес: 48

Денеска е Св. Антониј Велики, заштитник од лудилото и од ѓаволот

antonij

Последни вести

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 17 јануари.

Денеска е Св. Антониј Велики.

Свети Антониј е роден во Среден Египет, во 251 година. На 20-годишна возраст остана без родителите. Мораше да се грижи за останатото богатство и за својата помала сестра. Еден ден во црква ги слушна зборовите: Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај го имотот и раздај го на сиромасите и ќе имаш ризница на небото, па дојди и врви по мене, па го раздаде имотот, а со малиот остаток ја згрижи сестра си и го започна подвижничкиот живот. Целиот негов живот стана исполнување на овие зборови. Во текот на многу години ги помина сите скалила на духовниот живот и со својот живот стана пример за сите мо¬наси до денешен ден. Се упокои мирно на свои 105 година, во 356 година.

Преподобен Антониј Велики 

(Именден празнуваат: Антон, Антоние, Андон, Антоанета, Доне, Дончо, Донка, Тони…)

Подвизувањето е старо колку и христијанството. Но во почетокот личностите што се подвизувале не ги напуштале населените места и не оделе во пустини, пештери и сл. туку останувале во градовите или селата и тука се подвизувале сами или во помали групи. Монаштвото првите примери ги имало во ликовите на преподобните Павел Тивејски и Антониј Велики.

Свети Антониј Велики е роден во 251 година во среден Египет. На 20-годишна возраст му починале родителите и тој заедно со сестра му го наследиле нивното богатство. Откако во црквата ги слушнал зборовите на Исус „Ако сакаш да бидеш совршен, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по мене.“ (Матеј, 19/21) еден дел од имотот го продал и ја сместил сестра си во еден дом за девојки, другиот дел од имотот го раздал на сиромаси, а тој го започнал подвижничкиот живот.

Направил многу подвизи, особено се истакнал во борбата против еретиците. По молба на св. Атанасиј ја посетил Александрија во 335 година за да помогне во борбата против еретиците на Ариј кои биле силни и по поразот на Никејскиот собор (325). Неговото пристигнување во главниот град предизвикало големо внимание. Многу пагани дошле да го видат, а многумина сакале и да го допрат поради неговата слава. Тогаш мнозина пагани го прифатиле христијанството. Иако неписмен, (не знаел грчки, ни латински, туку само египетски) водел кореспонденција со св. Константин Велики и го бранел св. Атанасиј Велики од клеветите на непријателите. Бил строг и кон неправедните судии и им го споменувал Страшниот суд, како и нивната должност да бидат милостиви и справедливи.

Доживеал длабока старост. Починал на 105 години. Кога си го почувствувал својот крај на двајцата негови ученици им оставил завет да го погребаат тајно за луѓето да не го знаат местото на неговиот гроб. Починал на 17 јануари 356 г. (с.с.)

М. Цепенков во записите за светците вели дека „свети Наум, Свети Андонија и свети Спирудон – да лекуат улаите.“ Во прегледот на еснафските празнувања Цепенков запишал дека св. Антониј го празнувале како еснафски празник ковачкиот-цигански еснаф како и цигуларите и амалите.
Празникот Св. Андон во Гевгелиско се сметал за тежок празник и аталија, празник за лудите луѓе. Особено св. Андон се сметал за заштитник од лудилото и од ѓаволот. Таму каде што тој ќе се јавел ѓаволот морал да бега далеку 24 часа. Еднаш ѓаволот дошол кај св. Андон и почнал да тропа на вратата. Сакал да влезе и да го залаже да не оди во црквата. Но св. Андон го здрвил пред вратата и ѓаволот пукнал. После ова кога некој боледува од лудило покрај постелата му ја ставаат иконата на св. Андон. Било од каква болест да боледува човек покрај Евангелие му носат и икона од св. Андон и веруваат дека ако му е за умирање ќе умре, а ако му е за станување ќе оздрави.

Најчитани вести