Денеска е Св. Наум Охридски

Денеска е Св. Наум Охридски, монах и презвитер. Свети Наум му беше најблизок соработник на божествениот Климент, а и на светите браќа Кирил и Методиј.

Тој беше заедно со светите браќа во нивната мисија во Моравија. Потоа некое време престојуваше во престолнината на Бугарија, Плиска, а најпосле дојде да биде учител во охридско, во времето кога Климент стана епископ.

Св. Наум Охридски основа манастир на Охридско езеро, денешниот Свети Наум, каде ги помина последните 10 години од животот. Мирно се успокои во Господа, како монах, во 910 година. Тој до денес не престанува да чудотвори. Посебно е познат како исцелител на душевно болни. Затоа кај нас особено лекарите-психијатри го имаат за свој заштитник.

Свети Наум остана во споменот на народот запаметен како чудотворец, со моќта да лекува  и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести односно сите што искрено и со верба му се обраќале  без разлика на вера и народност.

фото:МИА

Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средновековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за апостол Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него „Канон на Арханѓел Михаил“ и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.